Апелациониот суд во Скопје ја намали за една година затворската казна за поранешниот министер за одбрана Владо Бучковски кој, за злоупотреба со тенковски делови, беше осуден на три години затвор. Од Основниот суд 1 соопштија дека на Бучковски и на поранешниот началник на генералштабот Методија Стамболиски им се досудени затворски казни од по две години.
Апелацискиот суд ја преиначи одлуката и во однос на другите обвинети во случајот во оснос на кривичните санкции кои ги ги изрече првостепениот суд. На Ацо Ѓурчевски, поранешниот државен советник во Министерството за одбрана и на Нелко Менкиновски, како и на директорот на МЗТ ФОБ Митре Петковски наместо затворски, им се изречени условни казни.
– На обвинетите им се изрекува алтернативна мерка – условна осуда во која за секој од нив пооделно се утврдува казна затвор во траење од по една година која нема да се изврши доколку тие во време од 3 години по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело – соопшти судот.
Бучковски, заедно со Стамболиски и уште тројца обвинети се товареше за злоупотреба на својата положба и функција, кога во текот на 2001 година набавил енормни количини резервни делови за тенковите Т-55 и со тоа го оштетил Буџетот за околу 2,5 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


