
фото: Република
Откако сведокот на СДСМ Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини вчера сведочеше против СДСМ и во корист на премиерот Никола Груевски, денеска во основниот суд Скопје 2 продолжи рочиштето од судскиот процес во кој Груевски го тужи Зоран Заев за клевета и за навреда.
На вчерашното рочиште, Нини, кој беше сведок од страна на Заев, јавно призна дека нема вистина во обвинувањата од страна на најголемата опозициска партија и сведочеше против тврдењата на Заев.
-Бев непријатно изненаден кога ме повикаа да сведочам. Не се познавам ни со Груевски ни со Заев. Со премиерот се немам видено никогаш во живот. Ниту за Македонска банка сум имал разговор со него, а и немав потреба за тоа бидејќи акциите беа продадени на берза и можеше да ги купи кој сака – рече Нини.
Според познавачите, станува збор за редок судски случај во кој носителот на главните обвинувања, лидерот на опозицијата, своите обвинувања ги темели површно и без конкретни докази, што и, всушност, се докажа со сведочењето на нивниот главен сведок Јовица Стефановик- Нини, кој недвосмислено рече дека не се познава со Груевски и дека ниту со него ниту со кој било друг посредувал во случајот Македонска банка.
– Си има брокери што го работат тоа. Јас не го познавам продавачот . Јас не знам кој бил сопственик на акциите ниту сум можел да го знам тоа , рече Нини, што беше причина дури и медиумите што во јавноста важат за блиски до СДСМ да излезат со наслови, „Нини го ’закла‘ Заев на судењето во случајот ’Македонска банка‘“.
Ваквиот расплет на настаните во адвокатските кругови се коментира како аматерски обид на водење политичка хајка, која е незаснована на вредни докази и аргументи, туку на измислени работи и невистини. Тоа што остава дилема е тоа дали ова е гаф на тие што му ја смислиле стратегијата на Заев да влегува во вакви хајки или лош совет на адвокатскиот тим, кој самиот Заев го доведе до ваква политички непријатна ситуација.
Стручњаците тврдат дека станува збор за политичка незрелост и немање капацитет на реална процена на лидерот на опозицијата, кој се потпрел на ваква аматерска политичка хајка, која се распрсна како меур од сапуница и тоа преку исказите на сведокот на СДСМ, кој сведочеше против нив.
Според политикологот Владимир Божиновски, секое непоткрепено и несериозно обвинување од страна на политичка партија, кое има за цел да донесе краткорочни поени пред избори, има голема опасност да предизвика долгорочни последици по имиџот на партијата што го пласира.
– Кога ќе се утврди дека една партија поведена од политички причини шпекулира или измислува настани за да им наштети на политичките противници мора да биде подготвена да трпи долгорочни последици како губење на соодветност, намалување на довербата дури и кај сопственото членство и, пред сѐ, нарушување на имиџот како сериозен политички субјект – вели Божиновски за „Република“.
– И во Македонија постојат многубројни структури што неуморно, 24/7 работат на конструирање „случаи“ во кои централен, главен лик на напад е претседателот на Владата на РМ, Никола Груевски. За среќа, овие структури, своите „случаи“ ќе треба да ги докажуваат во правниот/судскиот систем на земјата. А токму таму, денес, главниот сведок во случајот „Македонска банка“ јавно негираше пред судот каква било инволвираност, познанство или друг вид на контакт со страните во судскиот спор со што практично станува јасна правната разврска на целиов случај. За среќа, политиката, освен „тежата“ што ја создава и што најчесто знае да биде бескрупулозна и неправедна, има вистинска противтежа во системот, правото и правдата, кои служат како системски коректив и филтер за прочистување од валканите политички води – истакна професорката Татјана Каракамишева – Јовановиќ.
Иако процесот во кој премиерот Груевски го тужи лидерот на СДСМ Заев за клевета сѐ уште не е завршен извесно е дека по сведочењето на газда Нини, кој рече дека не дал ниту имало потреба да дава поткуп за купување на акции од Македонска банка, шпекулативниот предизборен маркетинг на СДСМ ќе ја стави оваа партија во уште потешка ситуација во поглед на јавната доверба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


