Наместо да ги раскажат своите летни доживувања, на првиот школски час учениците слушаа предавање што претставува жолтицата, како се пренесува, и кои се мерките за заштита од ова заразна болест. Првата лекција им беше за правилно миење на рацете. Овој процес, покрај вербално на учениците им беше објаснет и преку илустрации – постер кој стои веднаш до чешмата во секоја училница.
Едукацијата ќе се спроведува пред се, во помалите одделенија во 10-те скопски општини каде има лица заразени со жолтица. Досега пријавени случаи има во Шуто Оризари, Чаир, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Илинден, Центар, Аеродром.
Стартот на учебната година беше ист и во Штип, од каде и започна епидемијата на заразна жолтица. Деновиве и во тамошните училишта беше спроведена дезинфекција и дезинсекција на училниците, санитарните јазли.
Во последнава седмица во Скопје се пријавени нови 18 случаи на жолтица. Вкупниот број на заразени достигна до 94, од кои дури 35 се од Шуто Оризари. Речиси половина од болните – 42, се деца од 3 до 14 години. На инфективна лежат 24 пациенти и уште двајца во „8 Септември“. Според лекарите епидемијата забрзано се шири, имајќи предвид дека веќе има случај на заразени братучеди, како и членови на две семејства кои живеат во иста куќа.
Заразната жолтица е инфекција на црниот дроб, предизвикана од вирусот на хепатит А. Според лекарите најчест извор се нечисти раце или загадена храна или вода. Несоодветното лекување може да предизвика трајно оштетување на црниот дроб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


