| четврток, 6 декември 2018 |

Заразени деца од жолтица во скопски училишта – кои се најчести симптоми и совети како да се заштитите

Минатата недела неколку деца беа заразени од жолтица во скопските училишта. Жолтицата има сезонски карактер и најчесто се јавува во есенско-зимскиот период, а времето на инкубација вообичаено е од 14 до 28 дена.

Таа најчесто се внесува преку:

-Консумирање на храна приготвена од инфицирано лице, кое не практикува темелно миење на рацете по посета на тоалет;

-Близок контакт со инфицирано лице (дури и во случај да нема симптоми);

-Пиење на контаминирана вода;

-Сексуален контакт со инфицирано лице (особено кај хомосексуалци).

-Вирусот не може да се пренесе преку кашлање, кивање или престојување во иста просторија со инфицирано лице (под услов да нема близок контакт).

Симптоми и знаци на жолтицата се:

-Малаксаност;

-Гадење и повраќање;

-Стомачна болка, особено во горниот десен дел (тоа е местоположбата на црниот дроб);

-Губење на апетит;

-Болка во мускулите;

-Покачена температура;

-Темно обојување на урина;

-Пожолтување на белките на очите и кожата (иктерус).

Заболувањето најчесто трае околу 1 до 2 месеци, а во ретки случаи може да перзистира и до 6 месеци. Одредени лица кои имаат ХАВ инфекција може да не манифестираат никаква симптоматологија.

Со цел да се заштитите од вирусот практикувајте ги следниве совети:

-Одржувајте лична хигиена. Секогаш темелно мијте ги рацете со сапун и топла вода по одење во тоалет, менување на пелени и пред готвење, сервирање и консумирање на храна.

-Варете ја храната на 85°С. На овој начин се инактивира ХАВ, а со тоа се заштитувате од пренос на инфекцијата, освен ако загадувањето на храната не настане по загревањето.

-Пред да консумирате овошје и зеленчук излупете го и добро измијте го.

-Не споделувајте четка за заби, крпа, прибор за јадење и други лични предмети.

-Доколку се сомневате во квалитетот на водата која ја пиете, зовријте ја.

-Избегнувајте консумирање на сирова риба и месо.

-Користете заштита при сексуален однос.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top