| четврток, 6 декември 2018 |

Се појави жолтица во скопско училиште

Две деца од скопското основното училиште „Ѓорче Петров“ се разболеле од заразната жолтица А. За среќа, велат од скопскиот Центар за јавно здравје, случаите се неповрзани, т.е. децата не се разболеле едно од друго. Во училиштето е направена дезинфекција, а зголемени се и хигиенските мерки. На тој начин треба да се спречи ширењето жолтица.
– Станува збор за едно дете од седум и едно од 14 години, кои немале контакт меѓу себе, а оделе и во различни тоалети во училиштето. Одржавме едукативно предавање, а запознаени се и родителите и професорите. Направена е дезинфекција, кадарот треба да проверува дали децата си ги мијат рацете по користење на тоалетот. Во исто време, на влезот од училиштето и при излез од тоалетот се користат средства за дезинфекција – вели д-р Љуљзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.

Жолтицата или вирусниот хепатит А е зараза што се поврзува со нехигиена. Станува збор за акутно вирусно заболување со ретки компликации и со ниска смртност.
Заболувањето се пренесува по фекално-орален пат. Се појавува особено во лоши санитарно-хигиенски услови.
Единствен резервоар на вирусниот хепатитис А е човекот, без разлика дали е заболен со типична, нетипична клиничка слика или со асимптоматска форма на заболување. Вирусот може да се најде во столицата, крвта, жолчката, а поретко и во урината на заболениот. Заболениот е заразен во текот на втората половина од инкубацискиот период, а со појавата на жолтицата заразноста почнува да се намалува, односно трае неколку дена по појавата.
Од човек на човек болеста се пренесува и со директен контакт, кој се остварува преку раце контаминирани со фецес во кој се наоѓа вирусот. Исто така, инфекцијата се пренесува и со индиректен контакт преку контаминирани предмети за лична или за општа употреба.

Децата, објаснуваат од Институтот за јавно здравје, се најмногу подложни на овој тип зараза. Имунитетот стекнат по прележаното заболување е траен, веројатно доживотен.
Инкубација односно времето што поминува од моментот на влегување на вирусот во организмот до појавата на првите симптоми на болеста е 15 до 50 дена (најчесто околу 30 дена). Симптоми на болеста се: покачена телесна температура, слабост, губење апетит, гадење и повраќање, а понекогаш и пролив. Може да се јави болка под десниот ребрен лак, а по неколку дена од појавата на првите симптоми се забележува темна урина (боја на пиво), столица со светла боја и појава на пожолтување на кожата и белките на очите. Најчесто симптомите исчезнуваат за 1-2 недели, но целосното закрепнување трае подолг временски период (4-6 недели).
Симптомите на болеста зависат од состојбата на заболениот, но и од неговата возраст. Во детската возраст посебно во првите години од животот, болеста е блага, и често поминува незабележливо. Меѓутоа, инфекција кај возрасните лица може да добие потешка форма. Болеста обично поминува спонтано, и никогаш не поминува во хронична форма.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top