Општина Карпош реагира по наводите од СДСМ. Според ОО СДСМ Карпош, Јакимовски и советниците од неговата партија поддржани од коалицискиот партнер, ВМРО-ДПМНЕ изгласаа зголемување на данокот при продажба на имот, со што граѓаните на општина Карпош ќе плаќаат највисока даночна стапка на промет на недвижности во Скопје, заедно со граѓаните на општина Ѓорче Петров.
„Секоја одлука што ја носи Општина Карпош е во интерес на граѓаните , вклучително и одлуката за зголемување на стапката за данокот од продажба на имот (данок за промет со недвижности) за 0,5%. Овој данок ќе го плаќаат сите оние кои доаѓаат во Карпош, односно кои имаат намера да купат имот во оваа општина. Во основаноста на ова зголемување стои фактот дека Општина Карпош има најдобра подземна инфраструктура, нови улици, без дупки и оштетувања, хигиена на високо ниво и зеленило по европски стандарди, најдобри училишта, градинки. Во Карпош има завиден број на приватни основни и средни училишта и одлична покриеност со здравствени институции.
Тоа и дава право на Општина Карпош да има даночна стапка за промет со имот барем на онаа на нивото на Општина Ѓорче Петров, иако условите во кои живеат граѓаните на Карпош со оние во кои живеат жителите на Ѓорче Петров се неспоредливи.
Средствата кои што ќе се добијат по овој основ ќе бидат наменети за бесплатни ужинки за учениците од прво и второ одделение и бесплатни еднодневни излети за учениците од прво до петто одделение, како и за стипендии на талентирани ученици и спортисти. Значи станува збор за средства кои ќе ги плаќаат оние кои доаѓаат во Карпош, а ќе ги трошат оние кои живеат во Карпош.
Оваа одлука на седницата на Советот ја поддржа и еден советник на опозицијаската СДСМ, а намерата и останатите советници да гласаат „за“ ја спречи координаторката Магдалена Несторовска која директно им се закани дека ќе поднесе оставка од координаторската функција доколку ја прифатата одлуката. Нејзиното его отиде дотаму што таа ги принуди советниците да ја напуштат седницата на Советот и воопшто да не гласаат.
Ова веќе станува континуирана пракса опозициската СДСМ да се однесува крајно дефетеистички, безидејно, постојано служејќи се со бојкоти, напуштања седници и држење стерилни прес конференции, како врв на нивната активност и придонес за граѓаните на Карпош. За ваква неинвентивност, сепак, немаат мандат од граѓаните на Карпош“- се наведува во реакцијата на Општина Карпош)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


