
Вкупно 15 кратки филмови ќе бидат снимени на повеќе локации низ Македонија од страна на холивудски тим, кој ќе ги промовира убавините на нашата земја низ светски познатите канали и на туристичките саеми.
Снимањето започна денес во Старата скопска чаршија, а филмовите би требало да бидат готови во текот на следната година.
Целта, како што нагласи директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски, е популаризација на Македонија како туристичка дестинација.
– Денеска продолжуваме со снимање и ќе биде посетена Матка, потоа продолжуваме со една сеопфатна тура низ Р.Макеоднија, ќе бидат опфатени Лазарополе, Охрид, Галичица, Пелагонискиот регион, Трескавец и манастирот Св.Архангел Михаил, Дојранското езеро, Берово и други места, и на тој начин ќе можеме да ја презентираме Македонија во најдобро светло и да се популаризира како туристичка дестинација дополнително во светски познати медиуми, истакна Џамбазовски.
Филмовите ќе бидат објавени на пет странски јазици а освен на светски познатите канали како што е CNN ќе се емитуваат и преку социјалните мрежи и преку јутјуб.
– Целиот процес на брендирање на државата и како туристичка дестинација но и како дестинација за бизнис и привлекување на инвестиции, кој започна на почетокот на 2007 година, ова е само една надополнување на тоа и поразличен начин за креирање на позитивен имиџ на државата во странство, посочи директорот на ТИРЗ, Виктро Мизо, кој додаде дека холивудските продуценти истовремено разгледуваат и голем број на потенцијални локации низ Македонија каде што би можеле да се снимаат комерцијални холивудски филмови.
Холивудските продуценти Тимоти Марлоу и Роб Хабер, кои имаат работено на светски познати холивудски филмови, добитници на Оскар, посочија дека се воодушевени од убавината на Македонија.
– Секој еден од вас има гледано филм или пак телевизиско шоу кое најверојатно е снимено во Холивуд, каде се идентификувате со ликот па дури и со локацијата сето тоа влијае врз вас. Во некои случаеви кога ќе отпатувате во некоја земја ќе се речете: „Аха, ете тука е снимен филмот Казабланка!“. Не сум најсигурен зошто го правиме тоа, но едноставно тоа го правиме. Таквиот начин на препознавање на брендовите е генериран насекаде низ светот само со еден филм. Во нашиот случај најголем број од филмовите кои ги правиме може да се види буквално секоја земја во светот. Ние тука не зборуваме за медиумска кампања, за САД или Германија, Кина или Франција. Ние зборуваме за брендирање низ целиот свет на начин на кој само Холувод може да го направи тоа, истакна продуцентот Хабер.
Тој додаде дека филмовите ќе бидат снимени и промовирани бесплатно.
– Ние ги поминавме изминативе два дена, а и следните неколку недели ќе ги поминеме да ја разгледаме и посетиме буквално секој дел од вашата земја за да најдеме локации кои ќе бидат погодни за да ја снимиме приказната која сакаме да ја раскажеме на нашата публика. До сега имаме многу добар одговар на она што го бараме. До сега го разгледавме неверојатно убавиот центар на Скопје. Зборувам во името на сите нас, рековме дека никогаш немаме видено таков центар во ниту еден град низ светот. А кога го кажувам тоа мислам на споредба со Париз, Лондон едни од најголемите градови во светот. Тоа е едно многу убаво место не само за глетката која ја нуди за да се сними еден Холивудски филм. Јас се обидувам да ја замислам можноста на сите тие градби, споменици, реката и сета таа нивна историска вредност, како и значењето кое го имаат за граѓаните како на пример споменикот на Александар Македонски и на сите други значајни личности, посочи тој.
Освен на CNN, статии за туризмот во Макеоднија ќе бидат објавени и во специјализирани списанија за туризам во Австрија, Швецјарија и Германија, благодарение на новинарката Жаклин Дизенберг, која се приклучи кон холивудската и новинарска екипа која во следните неколку седмици ќе престојува во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


