| четврток, 6 декември 2018 |

Шест нови случаи на жолтица во Скопје

zoltica

Шест нови случаи од жолтица се евидентирани на подрачјето на Скопје откако беше прогласена епидемија со што бројот на заболени во главниот град се искачи на 72. Од нив, 16 се лекуваат на Инфективната клиника, двајца на инфективното одделение во Градската општа болница „8 септември“ и се во добра здравствена состојба, а останатите се пуштени на домашно лекување.

Најголем број од заболените, односно 27 се на возраст од 3 до 14 години, 21 лице се на возраст од 29 до 40 години, 19 лица на возраст од 16 до 25 години, а шестмина заболени се на возраст од 48 до 55 години. Најмногу заболени има во Шуто Оризари, а по неколку заболени има речиси во сите општини во Скопје, односно во Аеродром, Карпош, Центар, Чаир, Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден и Бутел.

Во Штип, каде прво се појави жолтицата, моменталниот број на заболени е 30 лица. Најмногу заболени се на возраст од 20 до 39 години, а 10 случаи се од претшколска и школска возраст. Од вкупниот број болни, седум се со потешка клиничка слика на хепатит А и примаат инфизиона терапија, а останатите се со средно тешка и со лесна клиничка слика.

Во овој град, екипа епидемиолози веќе имаат земено мостри од централниот градски водовод, како и од поединечни чешми и бунари кои ги посочиле болните. Резултатите од вкупно земените осум мостри се очекуваат во вторник.

Од Министерството за здравство велат дека најверојатно, според првичните информации од направениот увид, се работи за пренесување на болеста преку контакт и затоа се преземаат повеќе превентивни мерки.

Во пресрет на почетокот на учебната година вчера Министерството за труд и социјална политика излезе со превентивни мерки до градинките и училиштата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top