
Сите со нетрпение го чекаат одморот. Одењето на планираната дестинација за сончање и за шлапкање во вода од нешто најубаво може да се претвори во хорор доколку работите не излезат така како што сме ги планирале. Опасности демант од секаде, поради што е многу важно да се тргне со сигурен аранжман за кој се има потпишано и договор, што колку-толку нуди некоја заштита, но најважно од сѐ е да се носат екстра-пари, кои може да ве спасат доколку работите излезат од контрола, па да треба сами да си го платите престојот или, пак, патот за враќање дома. Доколку, пак, одморате на своја рака, со одење на познато или препорачано место или, пак, имате аранжман купен преку интернет, тогаш одговорноста и трошокот за евентуалниот расипан одмор оди само на ваш трошок.
– Уплативме аранжман преку туристичка агенција за во Грција. Отидовме таму, но најдовме затворени врати на хотелот, со некакво известување за кое подоцна ни кажаа дека пишува дека инспекција го затворила хотелот. Потоа дојде човек од агенцијата преку која патувавме за да ни каже дека ќе бидеме сместени во други хотели. И бевме префрлени на друго место, но некои имаа среќа да бидат сместени во поубав хотел, а некои ги сместија на полошо место. И што потоа, рекоа во Македонија ќе ви ги вратат парите за разликата во категоријата, ама што вреди тоа кога одморот се уништи?- вели еден скопјанец.
Кои се правата и обврските и на агенциите и на туристите при склучување аранжмани за летување?
Летувањето преку аранжман склучен со туристичките агенции е, секако, најсигурен пат за добар одмор или, пак, за отштета доколку одморот се расипе, што, пак, не значи и 100 проценти гаранција дека штетата ќе биде надоместена, но, секако, имате основа за барање на своите права.
–Пред да се тргне на пат треба да се склучи договор меѓу агенцијата и клиентот во кој детално се определени правата и обврските и на едната и на другата страна. Доколку се случи клиентот да отиде на местото каде што треба да летува, а таму или е затворен хотелот или е сместен во вила или во хотел што се во полоша категорија од наведната во договорот, тогаш агенцијата има обврска да ги врати парите или да ги смести туристите на друго место од иста или од подобра категорија. Доколку лицето биде сместено на место што е од пониска категорија, тогаш клиентот може да реагира во туристичката агенција да му биде вратен дел од парите како разлика од пониска до повисока категорија. Тоа, сепак, може да го направи само по враќање во земјава и тоа во рок од осум дена. Клиентите, исто така, имаат обврска да го прифатат сместувањето во хотел со категоризација за која се имаат договорено преку агенцијата, а не да платат пониска, а бараат повисока категоризација – вели претседателот на Асоцијацијата на туристички агенции,АТАМ, Миле Спировски.

Според него, многу посигурен е патот и одморот преку туристичка агенција отколку преку аранжмани направени преку интернет.
– Има многу граѓани што во потрага по начин да заштедат се решаваат на аранжмани договорени преку интернет. И често се случува да не се исполни тоа што е наведено како понуда, а тогаш каде да се пожалат граѓаните? Факт е дека кај агенциите може да има пропусти, но, во секој случај, ако нешто тргне на лошо клиентите ќе бидат заштитени и ќе добие отштета. Кај договорите преку интернет нема која да ве заштити, нема кај да се пожалите – додава Спировски, според кој туризмот и туристичките агенции се локомотивата на развој на секоја земја и како такви треба да се перцепираат и прифатат, а не постојано да се напаѓаат за пропустите што може да ги направат.
– Постојано нѐ напаѓаат дека не сме го исполниле ова или тоа, но факт е дека граѓаните со нас се многу посигурни, отколку сами да си го организираат патот – вели Спировски.
Патниците на кои им бил уништен годишниот одмор или патувањето им било целосно откажано, освен што имаат право да бараат враќање на уплатените пари, имаат право да бараат и отштета за претрпен стрес и душевна болка. За тоа треба да поднесат тужба до надлежниот суд во земјава доколку станува збор за патување организирано преку домашна туристичка агенција. Сепак, проблемот настанува доколку незгодите се појавиле поради банкрот на агенцијата,бидејќи во тој случај патникот нема од кого да си го наплати побарувањето.
Според законските обврски, секоја туристичка агенција за да добие лиценца А, мора да склучи годишен договор со осигурителна компанија за осигурување од одговорност од вршење на дејноста во износ од 100.000 евра. Тоа осигурување, објаснуваат надлежните, треба да јапокрие отштетата за патниците во вакви и во слични ситуации.
Сепак, агентите за осигурување објаснуваат дека осигурувањетоне е секогаш гаранција дека патниците ќе можат да добијат отштета при евентуален банкрот на туристичката агенција.
– Многу е важно каков е склучениот договор со агенцијата и што точно опфаќа тоа осигурување. Може да покрива отштета на патниците до висина од 100.000 евра, но во договорот треба да е наведено во кои ситуации осигурителната куќа е должна да го уплати. Тие пари може да се исплатат и за еден патник или да се поделат на повеќе, во зависност дали осигурувањето е направено на поединечна сума или е агрегатно, односно за повеќе лица. Над таа сума останува самата агенција да им исплатиотштетана патниците или тие преку тужба да си ги бараат парите од неа – објаснуваат осигурителнитеагенти.
Патничкото осигурување,кое е задолжително за сите што патуваат надвор од земјава, непокрива ситуации во кои туристот останал на улица, или е сместен во полош хотел. Овој вид осигурување се однесува само на здравствено осигурување, а за одредена дополнителна сума може да се осигури и багажот од доцнење или губење. Ситуации како што се измамени туристи во странство од страна на агенцијата или оставени на цедило, не може да се покријат со осигурување. Понекогаш и за здравствена заштита треба да се доплати.
– Мислевме дека патничкото осигурување е патничко во секој поглед, што подразбира наша заштита од евентуална повреда или несакани ситуации на пат, но се покажа дека не е така. Имено, јас на плажа си ја повредив ногата и кога отидов на лекар таму морав да платам 50 евра бидејќи, наводно, осигурувањето што сум го имал не ја покривало таа сума на интервенција. Јас платив бидејќи немав избор, а имав и болки. Кога пак во осигурителната компанија во Скопје се пожалив, ми рекоа дека ништо не може да сторат, дека сум платил минимум осигурување, кое, можеби, навистина не ги покрива тамошните трошоци – вели Стојан Милановски од Скопје.
Парите што туристичкитеагенциизадолжително ги уплаќаат како осигурување, според нив, не ги штитат ниту нив ниту нивните клиенти.
– Сите го склучуваме тој договор за осигурување, но при проблематични ситуации сме оставени сами на себе да исплаќаме отштета. На пример, кога пред неколку години имаше голем пожар во Грција, дел од нашите агенции испратија свои автобуси за да ги вратат туристите. Но, осигурителните компании не ни одобрија ниту едно евро отштета. Kога станува збор за банкрот на агенција и за заглавени туристи во странство, патниците најчесто бараат помош од сопственатавлада бидејќи во речиси сите земји ваквите ситуации не се доволно регулирани – вели, претседателот на АТАМ.

Според Организацијата на потрошувачи на Македонија, во првата половина од годинава во делот на услугите имале 129 јавувања, а најголем дел од поплаките биле за туристичките агенции (23 отсто), особено во вториот квартал од годината, поради почетокот на сезоната на летните одмори.
– Потрошувачите најчесто се жалеа на неисполнување на делови од понудата, па така често потрошувачите не добиваа соба со поглед на море, услуги со сѐ вклучено, превоз од аеродром до хотел, бесплатни лежалки и други елементи штобиле однапред договорени со туристичката агенција и биле дел од понудата. Во овој случај, апелираме потрошувачите да не чекаат и веднаш, во рок од 8 дена од враќањето од патувањето да поднесат приговор до самата агенција и да почекаат разумен рок од 15 дена да им биде вратен одговор на приговорот. Доколку добијат негативен одговор, или не добијат воопшто одговор, ги советуваме да се обратат до Државниот пазарен инспекторат, кој постапуваво согласност сосвоите законски надлежности, но,исто така,можат веднаш да почнат судски спор, односно да поднесат тужба со барање на надомест на штета. Доколку штетата е материјалната е лесно проценлива, и можат да бараат поврат на толку средства колку што дополнително потрошиле, не по своја вина, а доколку причинетата штета не е материјална, таквата може да се процени само по судски пат – велат од ОПМ.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 102. број на неделникот „Република“, 15.08.2014)
;
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


