Нови две трансплантации од кадавер во Македонија. Уште двајца пациенти добија бубрег од починат донатор. Во петокот поради крвавење во мозокот на Клиниката за неврохирургија починал млад 30-годишен пациент. По смртта, иако скршени од болка и тага, неговите најблиски одлучиле бубрезите да бидат донирани, објави zdravstvo24 повикувајќи се на извори од Клиничкиот центар во Скопје. По направените испитувања органите најмногу одговарале на еден маж и една жена кои подолго време оделе на дијализа. Тимот за трансплантација бил собран за кратко време и во петокот доцна вечерта почнало пресадувањето на бубрезите. Хирурзите и останатиот медицински персонал работеле цела ноќ.
Втората трансплантација била извршена во саботата наутро. Операциите поминале без компликации. Организмот на пациентот добро го прифатил бубрегот и веднаш почнал да мокри, а пациентката сѐ уште не можела да мокри, деновиве повторно била приклучена на апарат за дијализа.
Полека почнува да расте свеста кај македонските граѓани за донирање органи. По повеќе од 20 години стагнација, ова е 4 случај на пресадување бубрези од починат донатор. Годинава органи од кадавер добија 8 бубрежно болни лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.