| четврток, 6 декември 2018 |

На Клиниката за хематологија за 15 години направени се 351 трансплантации

транс

За 15 години направени се 351 трансплантација, од кои 263 автологни и 88 алогени трансплантации од сроден (фамилијарен) дарител кај возрасни и кај деца, пациенти болни со малигни и немалигни хематолошки заболувања.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти проф. д-р Лидија Чевреска, директор на Универзитетската клиника за хематологија по повод 25 Септември-Денот кога е реализирана првата трансплантација со хематопоетски матични клетки во 2000 година.

– Убедени сме дека наскоро ќе промовираме алогена трансплантација од несроден дарител која ќе биде во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигуруваме. Во таа насока извршена е едукација на повеќе наши колеги и медицински сестри во Универзитетската клиника во Нирнберг – рече Чевреска.

Таа информира дека лани, во период од еден месец професорот Ханс Вандт од Нирнберг бил вклучен во обуката на целиот медицински персонал на оваа клиника. Додаде дека македонскиот тим за трансплантација е член на Европското здружение за трансплантации.

Проф. д-р Борче Георгиевски, раководител на Одделот за трансплантација со хематопоетски матични клетки појасни дека изминатите години болните кои немале дарител во фамилијата биле и се уште се упатуваат на лекување во странство. Една интервенција чини од 150 до 300 илјади евра.

– Ниту еден болен, доколку има потреба, не е лишен од интервенцијата. Годишно во овој момент, од пет до седум пациенти се упатуваат на таков вид лекување- рече Георгиевски.

Годишно во Европа се прават од 25 до 27 илјади трансплатации, а во светот околу 75 илјади. Во овој момент 85 заболувања се лекуваат со трансплантација на матични клетки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top