| четврток, 6 декември 2018 |

Уметност и здравје

Aco-Stankovski-2_190x120

Ацо Станковски

Често пати луѓето зборат за уметноста или, пак, за здравјето, но скоро никогаш не ги поврзуваат. Има многу причини за ова. Една од најчестите е, секако, онаа, која конвергира со самото поимање на уметноста и здравјето, имено, уметноста е акцептирана како имагинарна и виртуелна состојба на човековото битие, повеќе состојба на свест или, пак, некакво фантазмагорично патување на умот по бескрајните пространства на имагинацијата, додека, пак, проблематиката на здравјето, во најголем број на случаи се поврзува со светот на материјалното, со конкретната реалност со животот, сфатен како бескрајно суптилна констелација на хемиски материи и физички закони, ставени во контекстот на еден неверојатно комплексен механизам на динамичност. Значи, уметноста најчесто се сфаќа како некаква етерична и фиктивна вистина за нештата, податна на најразлични толкувања и без една определена димензија на постоењето, додека здравјето е многу конкретно и неговото етаблирање или генерика зависи од многу реални и материјални параметри, кои се секогаш егзакни и мерливи. И така, токму поради оваа когнитивна дисјункција разговорите за уметноста и здравјето се одвоени, просторно или временски и многу ретко ќе сретнеме дебати или дијалози, што иманентно ги актуализираат прашањата за уметноста и здравјето.

Сепак, има една област во медицината, која ги спојува безпоговорно, а тоа е психологијата. Оваа наука, која се занимава со најсуптилните прашања на медицината и здравјето, а тоа се прашањата за состојбата на душевните баланси и хармонии, е без сомнение, главната порта низ која уметноста влегува во светот на медицината и интерактира со прашањата за здравјето. Овој сооднос на психологијата и уметноста е веќе традиционален и академски фундиран (сетете се само на делата на Сигмунд Фројд или Карл Густав Јунг) и во светот на медицинската наука има остварено многу вредни и полезни откритија, иако делува како оваа мултидисциплинарна пракса да е на своите почетоци. Ова е така од проста причина, што за многу умови кои се ориентирани кон егзакноста и материјалистичката експертиза, светот на уметноста е премногу неодреден, произволен и немерлив. Но, зар самиот живот не е таков, а уште повеќе ова важи за човековата душа.

Познатиот белгиски протоконцептуален уметник, Ив Клајн, во една прилика ќе рече – „Уметноста е здравје “ и, навистина, нема ништо поточно од ова, ако му се обратиме на нашето лично искуство, барем за момент ослободени од теориските предрасуди, на кои толку често им робуваме. Секако, тука не говорам за верификуваната, со мноштво докази и темелна анализа научна теорија, која без сомнение доследно работи на разоткривањето на безбројните енигми поврзани со здравјето. Тука, пред сè, станува збор за бројните предрасуди, кои ниту се втемелени во науката и истражувачката пракса, а воедно ја заобиколуваат и секоја имагинативна и интуитивна замисла, прогласувајќи ги за недоветни и неспособни за решавање, на така конкретната проблематика, како што е онаа, поврзана со здравјето.

За многу луѓе, пред сè, интелектуалци, позната е препораката, поврзана со слушањето музика. Да се слуша музика, барем еден саат дневно е вистинска терапија за душата и телото. Ова не го посведочуваат само одредени емпиристи со суптилен и егзактен поглед на животот, туку и многу медицински експерти, кои не ѝ припаѓаат само на психијатарската провиниенција. Што повеќе музика или уметност, толку помалку стрес, агресија и болести.

Во средините со пософистицирани општествени системи, каде се полага огромно внимание на здравствените проблеми, како и на проблемите на уметноста и културата, во голема мера уметничката креативност станува сè поконјуктурен тераписки феномен. Уметниците, психијатрите и лекарите во интерактивни или здружени формации, ги преточуваат своите знаења и искуства врз оние, кои се здобиле со здравствени проблеми. Денес, кога во западната хемисфера имаме огромно отпадништво од религиозните концепти и догми, уметноста е таа, која го супституира овој огромен недостаток во однос на минатото. Секако, потребна е надежта и верата за исцеление, ова ќе ви го соопшти и најатеистичкиот медицински ум.

Пред кратко време имав прилика со еден свој драг пријател да отидеме во посета на еден негов соработник, кој веќе извесен број години е воодушевен од сликарската уметност и кој во меѓувреме станал пасиониран колекционер на ликовни уметнички дела. По краткиот куртоазен вовед, овој сè уште млад човек, изговори восхитувачка реченица. Тој со доверлив глас соопшти – „Кога гледам во убава слика, чувствувам како ми се продолжува животот“. И ова е, навистина, една голема вистина и мудрост, а, пред сè, откритие, кое може да биде ползувано од сите оние, кои се спремни да се впуштат во практикување на оние најневеројатни искуства, кои на крајот стануваат пореални од самата реалност на нашите предрасуди, од кои никако да мрднеме во вишите нивоа на свест. А, всушност, тие исти виши нивоа на свест ги содржат потребните капацитети за исцеление.

Во култната книга на група американски автори, наречена „Дел Пас експеримент“, каде се водени неколкудецениски испитувања на пациенти, болни од неизлечиви болести и при кои проучувања на нивните состојби за време на животот и потоа, е дојдено до фрапантни заклучоци и факти, од кој најфасцинантен за современите саинтифички умови е токму откритието, дека е детектиран свесен живот по смртта на пациентите, констатирана и детектирана е еден тип енергија или сила, која овие научници скратено ја означуваат како П.С.И. енергија. Според авторите на „Дел Пас експеримент“ оваа енергија е подобна на таканаречената „вис виталис“, животната сила, за која се говори уште во античките времиња, а посебно кај староримските научници и филозофи. Според овој тим американски научници П.С.И. енергијата е свесна сила и нејзината природа е творечка. Ова е во голема мера момент, кога науката го допира Бога, нормално, по Негово допуштение. Оваа животна и божествена сила е естетичка и етичка, истовремено. Според моралниот кодекс на овие врвни научни истражувачи и според нивните заклучоци околу етичката природа на оваа космичка сила, гревот произлегува од некреативноста. Имено, кога некој создава, тој е во иманентна релација со оваа П.С.И. енергија, а неговата аура се исполнува со доблести и вдахновение. На тој начин оваа креативна личност ги напушта димензиите на негативното и ништожното и влегува во зоните на остварувањето и исполнетоста. А токму бивствувањето во ваквите сфери на совршенство е најбрзото и нацелосното излекување.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top