| четврток, 6 декември 2018 |

Точки

Budimka-Popovska-2_90x115

Будимка Поповска

Во конкуренцијата на теории за постанокот, една од најкупуваните секако е онаа за Големата експлозија, биг бенгот.

Според неа, сè почнало од една обична ТОЧКА.

Староста на сè што гледаме наоколу е околу 15 милијарди години. Вселената почнала да се шири од една единствена точка. И сè уште се шири.

Во еден тивок плотун на мугрите, започнале да се тркалаат сега веќе толку изџваканите приказни за еволуцијата на сè.

Според оваа слика, Бенгот од немукает создал океани, пустини, реки, езера, планини, а најнакрај луѓе, коали, питони, корали, школки, ракови…дожд, снегулки…ветар…

Колку чудесно осмислена теорија, дека Експлозијата е нашата Голема Мајка. Експлодирањето на густата точка е нашиот предок. Можеби затоа не треба да ни биде туѓ или чуден трендот на тероризмот, толку засилен во последно време, кога некои осамени и очајни фрикови во излив на анархичен (па зошто да не, и архаичен) гнев, одлучуваат да одат наоколу и да пукаат. Да предизвикуваат мини БИГ БЕНГ – ови.

НАСА барем тоа го прави во пустини, каде што единствени жртви на експериментите можат да бидат кактусите и евентуално некоја кобра. Но на загрозениве подвидови на камикази, никој не може да им забрани да си играат со своите бомби во метроа, авиони, бродови и други слични места каде што последица на бенгот станува пролевањето на најскапоцената течност на планетава. Човечката крв.

Велат дека душата на човекот е мултидимензионална космичка играчка за оние што имаат време и желба да играат шах, домино, голф…

Или puzzles. Не мора да играш со никој, дури ни со суштината. Или ако го составуваш мозаикот: не мора однапред да ги имаш сите потребни парчиња. Пушти, нека тече. Потоа, за миг, само биди фокусиран на камчето што недостасува. И тоа самото ќе си дојде. И ќе го заокружи мозаикот.

Исто така, теоретичарите на Животот, особено оние на Новото Доба, велат дека …„вие сте писатели на сценариото на вашиот живот – и сите други ги играат улогите што им ги доделувате.Можете буквално да напишете сценарио за каков било живот што сакате и универзумот ќе ви испорача луѓе, места и настани, токму онакви какви што сте одлучиле дека сакате. Вие сте творци на сопстеното искуство“.

Прекрасно, нели? Современите алхемиски референци успешно ве враќаат во старите проверени лавиринти на себството и моќта на креативноста што лежи скриена во секое живо суштество. Пред сè нè потсетува дека истиот тој принцип на креативност важи и кога ги создаваме сопствените негативни искуства. Па како, или зошто, добога, го создаваме стравот? Несвесно? Летачките листерии, киднапираните деца, криумчарените робови и слично?

Колку помалку знаеш, толку повеќе можеш…

Знаењето фрустрира. Сепак, го прави човекот способен да го види своето место во Големата слика.

Големината на човекот најдобро се гледа во неговиот пад. Големиот човек секогаш е способен повторно да стане. Сенека.

Точката на падот може за миг да се преобрази во отскочна штица за нови подеми.

Слично како во акупресурата…Кога ја применувате пресурата на принципот „сам свој мајстор“, и не знаете која точка за што е и каде е, на пример ја притискате точката Зу Сан Ли под коленото, па наместо дебелото црево, го стимулирате желудникот, и нервниот систем ви симулира глад…

Не дозволувајте малата збунка да ве попречи. Притискајте насекаде, и ако некаде кликне, таму е…точката…

А со кои функции управува, може дополнително да дознаете, според ефектите…

Ако се разбудите без болеста (исцелени), тоа е исто како никогаш да не сте биле болни…

Ако се разбудите келави тоа може да значи две работи – или сте пристиснале погрешна точка (се разбира несакајќи), или непланирано сте отишле на фризер надевајќи се дека со косата ќе исчезне и тежината. Потоа, откако паднале двете, и косата и тежината, останала само келавоста да потсетува дека она што еднаш се освестува може повторно да се заборави, исто како што и несвесното понекогаш е несвесно само затоа што е на врвот на очигледноста.

Народната мудрост вели дека креативноста, исто како и животот, почнува во темница. Што се однесува до точките, не се препорачува напипување во мрак. Може да кликне нешто што не треба.

Може да кликне и некој несуден Бенг, и од немајкаде да бидете принудени на летање…во воздух…тогаш, час поскоро оставете го својот страв од летање во минатото, што би рекла Ерика Јонг.

Особено со новата понуда на бактерии, што масовно напаѓаат преку порталите на мас-медиумските менија! Човек има две опции – да наседне и да се вдаде во опсесивен шопинг на активен кислород и други дезинфекциски средства. Или – да не се исплаши – сета ука и бука да ја стави на игнор. Во процесот на пребарување, душата се збрчкува од чувства кои тонат потиснати во неискажливото, во една стерилна вреќа за можни отпадоци од кои некогаш можеби ќе се рециклираат понапредни агенди за опстанок. Страв од ова, страв од она…Што ако сепак нешто од целата фама е вистина, а јас минатиот четврток изедов едно парченце чаден свински врат?

Како и да е, не е лошо сè што ќе му се испречи на патот, човек да не го сфаќа како пречка, туку како дел од патот. Никогаш не е премногу борба со стравовите. Ако денес сме се возеле со лифт и покрај нашата фобија, не значи дека утре не нè чека некоја нова битка. И добро е што е така, инаку ќе помислиме дека сме херои на своето време само поради тоа што во однос на некој што страда од агорафобија, можеме опуштено да го претрчуваме отворениот простор кога ќе ни текне! Денес и селата имаат подобри плоштади од некои извикани метрополи…

Ех, Сенека! Џабе твоите прекрасни сентенци во оваа џунгла од непроверени салами, суџуци и останати суфлаки марифети… и за да не биде месната индустрија почеток и крај на истата приказна, држете се до препораката на Еленор Рузвелт – „Секој ден направете по една работа од којашто се плашите..“. И точка.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top