| четврток, 6 декември 2018 |

Илјадници учесници на геј парадата во Прага

На централниот плоштад „Вацлавске намјести“ во Прага, се собраа илјадници лица како дел од карневалската Парада на гордоста на геј и лезбејската популација, јави дописникот на МИА.

Походот кој започна во 13.00 часот е кулминација на годинашниот четврти по ред, Фестивал „Праг прајд“, кој беше одбележан цела измината недела со разни манифестации.

Поворката, традиционално е составена од луѓе облечени во боите на виножитото придружена од автомобили со надворешни звучници од кои се слуша музика. За денеска беа најавени и протестни маршеви од организации кои ги поддржуваат семејните традиции.

Полицијата соопшти дека уапсила три лица под сомнеж дека сакале да ја прекинат парадата. Геј парадата првпат во Чешка се оддржа во 2011 година, кога во неа учествуваа 8.000 лица. Минатата година се собраа околу 20.000, а слично учество организаторите очекуваат и годинава.

Во Чешка од 2006 година е усвоен Законот за регистрирани партнерства кој овозможува склучување на заедница меѓу хомосексуалните двојки. Деновиве е актуелен предлогот на хомосексуалните двојки да им биде дозволено посвојување на дете, но само ако тоа е на нивниот регистриран истополов партнер, односно не се работи за класично посвојување од детските домови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top