Социјалноранливата категорија граѓани наскоро ќе може да се ослободи од заостанатите долговите. Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основа на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класификувани во категорија Г и Д од страна на банките, а кои не се обезбедени, како и за радиодифузна такса. Оваа владина мерка со која ќе бидат опфатени околу 100.000 граѓани е едно од најзначајните предизборни ветувања на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кое таа сега го исполнува. Процедурата за отпис на долговите почна со објавувањето на огласот за пријавување на фирмите, кај кои државата ќе ги раздолжува граѓаните, а веќе кон средината на овој месец ќе излезе и огласот на кој граѓаните што ги исполнуваат критериумите ќе можат да се пријават за искористување на оваа владина мерка.
Граѓаните што сметаат дека ќе бидат опфатени од оваа мерка се задоволни.
– Кога го зедов кредитот од банка пред неколку години, не ни помислував дека ќе останам без работа и дека нема да можам да го враќам. Ама ете, се случи и тоа и со платата на жена ми не знаевме што попрво, дали да јадеме или да враќаме кредит. Сепак, децата ни беа најважни и прво требаше да се намират нивните потреби за храна и за училиште, а за отплата на кредитот, едноставно, немаше пари. Велевме, ќе најдам работа, па ќе почнеме да го расчистуваме и банкарскиот долг, но еве сѐ уште сум невработен. Сега кога Владата ќе помага на ваков начин, се надевам дека тој товар ќе ми се симне од врат – вели скопјанецот Душан Тодоровски.
Неговиот сограѓанин, Атанас С. е примател на социјална помош, со која ни тој самиот не знае како преживува.
– Парите колку и да ги растегнеш, едноставно, не стигнуваат за сѐ. Сметките за струја, комуналии и ТВ-претплата само се трупаат и човек е немоќен да смени што било. Жена ми е болна, требаат лекови и за неа и за што попрво. Кога за време на изборите беше ветен отпис на долговите за луѓето како мене, бев скептичен. Велевме тоа не е можно, кој ќе се нафати на такво нешто. Владата и да сака, нема да сакаат фирмите кај кои се направени тие долгови, но еве и ова ветување станува реалност. Тоа многу ќе ми го олесни животот. Барем дел од долговите да се исплатат, а за понатаму ќе видиме што ќе правиме – вели тој.
Економистите се поделени во мислењето за позитивноста на оваа мерка, но во едно се едногласни, оваа мерка ќе им помогне на граѓаните на кои најмногу им е потребна помош, а кои поради последиците од економската криза дошле во ситуација да чекаат помош од друг.
Од Владата очекуваат во процесот на расчистување на заостанатите долгови да се вклучат сите засегнати субјекти.
– Очекуваме да се вклучат повеќе субјекти. Апелирам до ЕВН, Топлификација, банките и до голем дел други субјекти што се дел од оваа приказна. Кон средината на август ќе излезе и огласот наменет за граѓаните што ценат дека ги исполнуваат условите предвидени во овој Закон – изјави пред неколку дена премиерот Никола Груевски.
Според него, Република Македонија како социјална држава, која во согласност со Уставот се грижи за социјалната заштита на граѓаните, има право и обврска да им помогне на најранливите категории граѓани.
– Оваа мерка се донесува еднократно и нема да се повтори, а причина за нејзината реализација е одговор на државата кон последиците на светската и европска економска криза – појасни премиерот.
Граѓаните што ќе сакаат да бидат дел од вкупниот процес на ослободување од старите долгови нема да треба да одат од шалтер на шалтер за да ги завршат сите формалности. Единствено што ќе им треба е лична карта, венчаница и писмена согласност, другите документи по службена должност ќе ги обезбеди комисија во Министерството за труд и за социјална политика. Огласот за пријавувањето на граѓаните ќе трае седум дена, а целата процедура за отпис на долговите 30 дена.
Кои граѓани ќе имаат право на отпис на долговите?
Правото на отпис на долгови може да го искористат корисници на социјална помош, корисници на постојана парична помош, невработени лица што бараат работа подолго од 12 месеци, лица изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или поради инвалидност. Невработените и лицата изложени на социјален ризик можат да го остварат правото на отпис на долговите под услов во 2013 година, заедно со брачниот другар, да не оствариле приходи поголеми од 105.600 денари, колку што изнесува годишниот износ на минималната плата, како и да не се сопственици на друг имот, освен станбениот објект во кој живеат.
– Нема ограничување. Нашата цел е на овие три категории граѓани, ако ги исполнуваат условите 100 процентно, целосно да им биде отпишан долгот, и по главница и по камати, и да биде сведен на нула. За толку колку што ќе му отпише субјектот долг на граѓанинот, за толку ние ќе им отпишеме обврска да платат данок. Нема ограничување за износот за поединечен граѓанин. Ова е еднократно решение, кое е одговор на последиците од кризата врз најранливите категории граѓани и во иднина нема да се повтори. Меѓутоа, поради насобраните проблеми поради последиците од светската и европска криза се сметаше за најсоодветно за Македонија – неодамна изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
За отпишаниот долг доверителите, односно банките, ЕВН, дистрибутерите на топлинска енергија ќе добијат право на даночен кредит во висина на одреден процент на долгот, кој нема да биде повеќе од 10 проценти од отпишаниот долг. Од банкарскиот сектор велат дека секоја банка поединечно ќе си пресмета колкаво е нивото на кредитирање, но, според нив, со оваа мерка и тие добиваат можност да наплатат дел од нефункционалните кредити.
Имено – велат банкарите – станува збор за нефункционални кредити за кои подолг период има проблеми во наплатата, односно категоријата „Г“ ја сочинуваат кредити кај кои има доцнење во наплатата повеќе од 240 дена, а кај кредитите од „Д“ категорија доцнењето во редовната исплата е повеќе од 300 дена. Од банкарскиот сектор посочуваат дека за да се отпишат овие долгови прво треба да се исполнат условите, односно критериумите за социјалниот статус на должникот што ги постави владата.Според првичните информации, во однос на банкарските долгови, како најзасегната категорија граѓани би биле тие што зеле кредит, но во меѓувреме им се влошила финансиската состојба и немаат можност да го враќаат кредитот.
Според првичните пресметки, овој проект би повлекол околу 12 милиони евра од државната каса, односно по околу четири милиони евра годишно.
Според информациите што пристигнуваат деновиве, банките сакаат да се вклучат во владиниот проект за отпис на долгови на граѓаните. Ваква потврда дале двете најголеми банки во земјава, Комерцијална банка и Тутунска банка, кои на 31 јули решиле да учествуваат на јавниот повик за отпис на долговите.
Министерството за финансии пред неколку дена го објави јавниот повик до компаниите што се јавуваат како доверители за отпис на долговите на граѓаните од социјалноранливите категории. До 11 овој месец менаџментот во компаниите ќе треба да достави изјава до Министерството за финансии за склучување договор за еднократен отпис на долговите на граѓаните што ќе ги исполнат условите.
– Се повикуваат банките, правните лица што вршат дистрибуција и снабдување со електрична енергија и тие што вршат дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, нотарите и извршителите пред кои е поднесено барање за присилна наплата, до Министерството за финансии да достават изјава за интерес за склучување договор за регулирање на меѓусебните права и обврски за еднократно отпишување на долговите на граѓаните и изјава дека се согласуваат да се откажат од побарувањата поврзани со главниот долг, кои настанале по 31.12.2013 година, освен од другите реално направени трошоци (како што се платени судски и нотарски давачки и трошоци за извршување пред суд или извршител, поврзани со главниот долг. Изјавите се доставуваат заклучно со 11 август 2014 година, до писарницата на Министерството за финансии – беше наведено во Јавниот повик од Министерството за финансии.
Иако станува збор за мал процент, сепак, Владата смета дека поголем дел од компаниите ќе го прифатат бидејќи станува збор за категорија граѓани од која воопшто не можат да се наплатат долговите.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 101. број на неделникот „Република“, 8.08.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


