| четврток, 6 декември 2018 |

Киев испраќа свој конвој со помош за Донецк и за Луганск

ukrainaУкраинските власти денеска соопштија дека испратиле свој хуманитарен конвој за жителите во сепаратистичките упоришта Донецк и Луганск. Во меѓувреме, кон границата на Украина патува рускиот конвој со хуманитрана помош за овие два региона.

Според украинската претседателска администрација од Киев, Дњепропетровск и Харков заминуваат камиони со помош за жителите на Луганск и на Донецк. Црвениот крст ќе ја подели оваа помош меѓу жителите на двата региона, се наведува во соопштението. Меѓународниот комитет на Црвениот крст ќе ја преземе грижата за колоната возила – 15 камиони со 240 тони стоки за најосновните потреби, во градот Старобилск, кој е под контрола на Киев, на 97 километри северно од Луганск.

Украинските власти вчера одлучија да доделат 10 милиони гривни (570.000 евра) како хуманитарна помош на населението во источните региони, кои по четиримесечните борби меѓу проруските сепаратисти и украинските сили се соочуваат со недостиг од основни средства за живот.

Украина и Русија веќе неколку дена спорат околу начинот на кој ќе се распределува пратката со руска хуманитарна помош за Донецк и Луганск, региони кои се опколени од украинската армија и кои веќе се наоѓаат во „критична“ хуманитарна ситуација.

Рускиот конвој во вторникот тргна од воена база крај Москва и запре во јужна Русија. Многу западни земји и Украина се сомневаат дека конвојот е испратен како параван за евентуален руски упад на украинска територија.

Министерството за надворешни работи во Москва ова сценарио го нарече „апсурдно“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top