
Концерти, изложби и презентации на македонски уметници ќе има до крајот на година во Македонскиот културен центар во Њујорк, кој веќе десет години ги запознава граѓаните на овој град со културата и уметноста како и со културното наследство и културните вредности на Македонија.
– Досега во Центарот кој претставува простор за презентации и промоција на македонската современа култура, но и место за размена на искуства и соработка меѓу уметниците реализирани се над 120 проекти на македонски уметници кои предизвикаа голем интерес и внимание кај њујоршката културна јавност. И оваа година во МКЦ во Њујорк со поддршка на Министерството за култура успешно се реализираат проекти на македонски уметници – велат од Министерството за култура.
По успешните концерти на Езгија трио, камерното студио „Бахус“ и заедничкиот концерт на Весна Ѓиновска Илкова и Кристина Светиева како и успешната реализација на изложбите на Жаклина Глигориевска Михајловска и Татјана Манева кои се реализираа во првата половина на 2014 година, до крајот на годината во МКЦ ќе се реализира и изложба на Ангел Миов и Маја Кировска, презентација на мултимедијалниот проект „Праг“ на Фунда Ибрахим, Батухан Ибрахим, Беди Ибрахим и Горанчо Ѓорѓиевски, изложбата „Бруха“ на Дејан Буѓевац и Билјана Кајевиќ, презентација на проектот „Македонскиот архетип во графичкиот запис“ на Александар Јовановски, , групната изложба „Каде да (не) се оди?“ на проектниот простор „Прес ту егзит“,како и изложба на скулптури и фотографии „Македонски митови и легенди“ на авторите Дарко Дуковски, Елена Дуковска и Мартин Митревски .
За првата половина на декември закажан е проектот на Скопски џез фестивал „Презентација на Скопскиот џез фестивал“ и реализација на придружен концерт на квартетот на Тони Китановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


