| четврток, 6 декември 2018 |

Националниот идентитет – заложник на загубени личности

Колумнист: Ненад Мирчевски

Колумнист:
Ненад Мирчевски

Лидерот на опозицијата Зоран Заев не го прекина одморот ниту за посетата на Метју Нимиц. Пораките на специјалниот претставник на ОН од Скопје за СДСМ и за нејзиниот претседател воопшто не беа интересни за коментирање, но затоа, пак, Заев не пропушти на „Фејсбук“ (неговиот виртуелен прозорец од каде што ја следи реалноста) да му испрати честитка на својот бугарски колега Михаил Миков за изборот за претседател на Бугарската социјалистичка партија.

Во отсуство на Заев (кој, очигледно, сѐ повеќе тоне на политичката сцена) и на целото раководство на партијата, тука беа проопозициските медиуми, кои веднаш истрчаа да ја осудат македонската страна дека намерно го измислува проблемот со идентитетот искривувајќи ја изјавата на Нимиц. Се јавија и принудно пензионираните опозиционери во обид да се покажат како поголеми социјалдемократи од актуелниве „безрбетници“ и да ја заштитат политиката на некогашното раководство на СДСМ во однос на овој спор.

Изјавата на посредникот дека „Обединетите нации не преговараат за идентитетот на народите“, беше дури и безобразно извртена навредувајќи ги граѓаните, кои се свесни за заднината на проблемот, дека се заведени од власта.

Точно е дека разговорите треба да се водат врз основа на привремената спогодба од 1995 година, и токму поради тоа, сѐ што би било поинаку кажано јавно од посредникот би било скандалозно не само за него туку и за организацијата што ја претставува. Но во исто време е точно дека грчките власти и тоа како се заинтересирани за целосно бришење на македонскиот јазик и на македонската националност и тоа јасно го кажуваат во своите црвени линии, а често и јавно преку изјави на државниот врв. Исто така е точно и дека во рамки на разговорите под покровителство на Нимиц не се дискутира за националноста и за јазикот не затоа што не е поставено на маса од грчката страна туку затоа што тоа го одбива македонската страна, која прави сѐ што е можно за да ги задржи разговорите во рамките на обврските од спогодбата (прифатени од македонскиот државен врв во 1995 година).

Да беше поинаку, сигурно Нимиц ќе беше најсреќниот затоа што, конечно, ќе ја завршеше „невозможната мисија“. Дали опозициските критичари очекуваа од посредникот толку наивно да ги погази принципите на организацијата што ја претставува и за која работи цели 20 години без никаков резултат, или, пак, намерно ја манипулираат јавноста повторно за свои интереси, тие си знаат. Сепак, останува нејасно зошто ако се толку уверени во „вистината“ што упорно ја сервираат, пропуштија можност да поентираат и целосно да го разобличат „лажниот патриотизам на власта“ поставувајќи му неколку едноставни прашања на посредникот: Зошто посредникот упорно ја нарекува Македонија „оваа земја“? Зошто никогаш не го кажал името на народот во „оваа земја“? Како се вика јазикот што го говорат граѓаните во „оваа земја“? Кои се тие „други прашања“ за кои се дискутира покрај името? Зошто во сите негови сет-идеи се наведуваат предлози за националноста и за јазикот? Дали со тоа посредникот ги задоволува барањата на македонската страна, на грчката страна или тоа го прави на своја рака? Зошто никогаш не ги осудува провокациите од грчката страна со кои земјата излегува од привремената спогодба, како на пример изјавата на грчкиот премиер Самарас дека македонскиот јазик не постои?

Ако одговорите на овие прашања се поинакви од тие што веќе ги знае најголемиот дел од македонската јавност тогаш загрижените опозиционери ќе имаат одлична основа да докажат дека актуелната власт, навистина, манипулира со спорот на штета на македонските граѓани. Во спротивно, само уште еднаш ќе ја докажат својата непроменета тенденција да водат самоуништувачка политика на штета на целата држава.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top