| четврток, 6 декември 2018 |

Единствен лек: За Новиот свет – Нова перцепција

Budimka-Popovska-2_90x115

Будимка Поповска

Еве една стара зен приказна за циркускиот слон.

Тој бил врзан со тенко јаже за еден стап забоден во земја, уште додека бил мало слонче. Додека бил слонче секој обид да се ослободи од јажето резултирал со силна болка. Со текот на времето се откажал од обидите да се ослободи и се научил да живее во малиот и тесен простор. Кога станал голем слон, сè уште го врзувале со истото тенко јаже за истиот стап, без опасност дека ќе побегне.

Иако пораснал и станал силен, никогаш веќе не се обидел да се ослободи од јажето бидејќи верувал дека не може.

Во колективното несвесно на регионов во кој живееме се измешани повеќе приказни.

Приказната за волкот и трите прасиња, во нашиов случај, е приказната за јагнето и еден куп волци наоколу. Ем неисхрането ем сите сакаат да го лапнат. Како така?

Со помош на себеперцепција на жртва.

Ако го снема јагнето, нема да има ниту волци. Овчарот ќе мора да ја смени приказната.

Можеби ќе звучи патетично, но Македонија веќе не е јагнешко на трпезата на накострешените волци поставени на граничните караули на сите страни на компасот, коишто се однесуваат како да ги дрмнала струја од илјада волти.

Надворешниот свет е огледало на нашата внатрешност. Го одразува она што го чувствуваме за себеси.

Нашата слика за себеси, ете тоа се нашите непријатели.

И како во приказната за слончето, ние веќе сме ги надраснале старите фрустрации, но сè уште се држиме за нив заради стравот, истиот оној што го чува лозјето и истиот оној заради кој слепиот се држи за стапот.

Истовремено, и волците се убедени во сопствениот идентитет на надмоќ. Дека се волци. Дека имаат сила да ги „јадат“ јагнињата. Не само кутрите јагниња туку и нивните мајки. Овците. Но, тоа е така само во однос на јагнињата. Во однос на поголемите волци од нив, и тие исто така се во незавидна позиција.

Сè додека народот се плаши од ѓаволот и има себеперцепција на јагне кое со својата питомост се обидува да го смилостиви гладниот волк, сè дотогаш ќе ја имаме оваа матна ситуација на натегање меѓу таканаречената жртва и лиценцираниот агресор. Перверзијата оди дотаму што во унијата на групни наддавања не ни стига еден волк. Четворица до петорица ќе завршат работа.

Со секој посебно тегнеме различни симулакруми. Еден ни го дразни идентитетот. Друг јазикот. Трет пенетрира толку длабоко во нашата потреба за легитимност, што му ја отвораме утробата на нашата земја и му дозволуваме да копа. Да бара злато. Да сади патлиџани. Да откопува мртовци и да бара гробови. Фосилите од ова тло да ги изложува во своите музеи. Доста е. Предлагам целото наше семе да го однесеме во еден фрижидер на Марс и да чекаме подобри времиња за воскреснување.

Во меѓувреме да почнеме да зрачиме друга слика за себе. Само да почнеме.

Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? Стварно, кој? Нашиов себеперцепциски детектор лови бааги од тие „против“. Дали е можно ова да се смени на толку едноставен начин, што токму заради тоа што е едноставен, не ни текнало да го примениме барајќи компликувани и невозможни само затоа што така налагаат претпристапните клаузули?

Дури и има име. Но, повторно ќе звучи како излитена фраза. Внатрешна консолидација, консензус со самите себе. Таквата сменета перцепција веднаш ќе влијае на надворешните фактори… тие ќе се преобразат самите од себе, како некој да ги допрел со магично стапче.

Дејствува.

Мирот со „сите“ (европскиот симулакрум) не е утопија. Но, е остварлив единствено по мирот со себе.

Живееме во земја во која различноста е загарантирана со закон. А, ние се бориме да ни ја признаат истоста. Тоа е малку тавтологија, но не повеќе од онаа кога нè негираат. Што негираат? Или кого? Самата негација е признавање.

Треба да се држиме до вистината.

Иако таа честопати е затрупана со пепел. Но, тоа е единствениот начин. Вистината ослободува. Откако ќе се откопа. Тоа е вечната потрага по светиот грал.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top