| четврток, 6 декември 2018 |

Демократијата не се базира на личните перцепции за демократија!

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

Да беше разликата стотина, а не двесте илјади избирачки гласови… можеби…?!

Реално гледано, и еден глас или поен повеќе во натпреварите од кој било вид – е победа; го одредува победникот. Меѓутоа, и покрај тој неспорен факт, доколку разликата на последните парламентарни избори беше многу мала, незначителна во корист на позицијата (ова повеќе како шпекулација според таа – што ќе беше ако… беше?), можеби опозицијата ќе можеше да наметне одредени разговори/преговори. Можеби ќе можеше да ги толкува резултатите на друг (свој) начин, и врз база на тоа да го одреди курсот на своето политичко дејствување. А, вака?

Двесте илјади гласа разлика во корист на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Груевски! Плус, признанието на лидерот на опозицијата (на ТВ 24 вести), дека секако ќе ги загубеле изборите, ама разликата немало да биде толкава?! Очигледно, проблемот што се манифестира сега со бојкот на Собранието произлезе од нивниот нереален оптимизам пред и по првиот круг на гласање (13.4.) за можна победа, кој брзо спласна (можеби затоа што бил само реторички?), и заврши со обраќање на опозицискиот лидер непосредно по завршеното гласање, во 19 часот (27.4.) – дека СДСМ не ги признава резултатите – за кои не знаеја какви ќе бидат! Пред официјалното објавување на конечните бројки/ изборни резултати! Оттаму, нема да биде претерано, ако бојкотот на Собранието и поставувањето ултимативни услови од страна на опозицијата, поточно од СДСМ за свое враќање во собраниските столчиња – тие, кои им ги одредија гласачите(!) се оцени како несериозно, неодговорно, а, во крајна линија, и скандалозно.

Незадоволна од својата опозициска (обезвластена) позиција во државата, СДСМ се обиде да наметне „политичка кризна ситуација“. Ги игнорираат мандатите добиени од своите поддржувачи, ја игнорираат изборната волја на граѓаните – во целина. Спроведуваат бојкот на Собранието, иако учеството во неговата работа е основна обврска на секој народен избраник, како израз на неговата лична волја, и изјава за прифаќање на пратеничкиот мандат уште при предизборното кандидирање, и составувањето на партиските пратенички листи. И, место преземање на своите обврски и одговорност, од опозицијата „се сетија“ дека не им одговара опозицискиот статус, па почнаа со ултимативни условувања на легитимно избраната власт! Од своето лично незадоволство, направија државен проблем! Се обратија на меѓународната заедница (Филе, Волерс, Гарет…) – со големи очекувања! Оттаму добија одговор вообичаен за една таква ситуација – вратете се во Парламентот и бидете конструктивна опозиција! За проблемите се разговара во институциите на системот! Такви се правилата на коректното политичко однесување и дејствување! Дали очекуваа дека странските дипломати ќе се впуштат во расправа за нивните лични незадоволства/фрустрации(?) што, впрочем не се случува за првпат. Слична ситуација во државата сме имале повеќе пати; речиси по сите избори! За првпат е само нивното размислување (автентично или поттикнато од „советници“ (?) – да опстоеле на отпорот, на бојкотот на Собранието, на контрите на власта, а од сè најважно било да опстојат на барањето за техничка влада?! Сето тоа спакувано под изговорот – тоа бил единствениот начин во државава да биле спроведени демократски избори! (Ако победеа тие – веројатно ќе беа и демократски и фер?!).

Го повикуваат премиерот Никола Груевски на разговор за пет теми, и следи нивно набројување. Дека барањето на некакви промени заради подобрување на нештата поврзани со изборите (пред секои избори нешто се бара?!) не се искрени и суштински, зборува позиционирањето на барањето – формирање на техничка влада – како прв, приоритетен услов (биле концентрирани на ова барање?), без чиешто исполнување за другите теми и не би разговарале. Оттаму, за никого не претставува изненадување, тоа, што пропадна обидот во јуни (2014) за директни лидерски средби и разговори меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски и Заев. Друг исход и не можеше да се очекува по поставувањето на таков апсурден услов, но тука се наметнува и друго прашање или сомневање – колку другите (четири) прашања презентирани како можни теми за разговор меѓу лидерите реално ги интересираат, или се само параван за основното барање – техничка влада.

Инаку, разговори за одредени прашања и соработка позиција – опозиција во корист на државата, секако, треба да има, но место за пласирање предлози, идеи, па и критики е Собранието на Р. Македонија, односно институциите на системот! Не „Александар палас“ или „Холидеј ин“…

Продолжуваат медиумските пораки од опозицијата (СДСМ), насочени кон власта – за обнова на прекинатите разговори. Ќе ја уверуваат власта дека барањата на опозицијата биле „разумни и во интерес на Република Македонија“? И маркирањето со мастило на гласачкиот палец (опозициско барање) беше ли разумно и во духот на демократските општества? Демократски ли беше однапред во гласачите да се гледаат лица настроени за фалсификат – да гласат двпати-трипати…? Мастилото употребено при гласањето (13.4) било лесно отстранливо, (оваа забелешка на Македонскиот хелсиншки комитет е посебна приказна?!) – па на 27 (втор круг од гласањето на парламентарните избори, 2014 година) нѐ обележаа – но не за ден-два; неколку недели бевме маркирани! Изгледа ли ова сериозен предлог од опозицијата и позитивна придобивка за едно напредно општество?

Според последното соопштение на СДСМ на тема – разговори, опозицискиот лидер очекувал „власта да ја сфати одговорноста што ја има, посебно пред есенскиот извештај на Европската комисија“, и „токму затоа“, се надевал дека „власта ќе ги прифати нивните предлози за надминување на политичката криза во земјата“; повторно нагласувајќи, дека остануваат на својот предлог за формирање техничка влада – како клучен услов?

А пропо сериозноста…
Ако Владата (на Груевски) не беше доволно одговорна, сигурно немаше да опстане, од 2006 година досега; одамна ќе ја однесеше изборниот виор! А, што се однесува до политичката криза за која зборува опозицијата(?) – се забележува само во отсуството на опозициските пратеници во Собранието и нивните активности, кои секако би биле од корист во секоја смисла. Каква е таа криза каде државата нормално функционира, Владата работи со полн капацитет испорачувајќи резултати според изборната програма и ветувањата од последните избори!

Што се однесува, пак, до средбите со странските дипломати, меѓународните фактори – одговорни, државотворни партии со нив водат сериозни разговори; не бараат посредништво за решавање на сопствените политички проблеми. Не водат разговори во кои се напаѓа власта (всушност државата!), во кои се препознава (провидно) барање/помош/поддршка за – на нелегален начин, преку формирање и учество во техничка влада да се здобие власт во државата. Погрешен пристап. Годините 2001/2002 се далеку зад нас! Власта треба да се одработи и добие на избори. СДСМ ќе добие своја влада тогаш, кога ќе се потпре на конструктивност, знаење, идеи, предлози од корист за државата; секако, како мандат добиен од граѓаните и исклучително на избори! А, условувањата кои често ги користи како политички манир на дејствување – не значат понуда за дијалог! Демократијата не се базира на личните перцепции за демократија!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top