| четврток, 6 декември 2018 |

„Деконструкција на ликот“ – нова книга од Ранко Младеновски

dekonstrukcija na likot

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна ја објави книгата „Деконструкција на ликот“ од Ранко Младеновски. Оваа книга претставува современа анализа на ликот, како еден од основните раскажувачки елементи, и тоа од аспект на неговата семантичка дезинтеграција и морална деградација. „Деконструкција на ликот“ обработува современа проблематика во рамките на теоријата на литературата и мошне умешно и многу солидно ја покажува нејзината примена врз конкретен белетристички материјал од македонската современа книжевност – прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски.

Ранко Младеноски (1966 година, Подгорци, Струшко) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на групата Македонски јазик со книжевност во 1993 година, а магистрирал на истиот факултет во 2005 година под менторство на проф. д-р Венко Андоновски на тема „Семантичка дезинтеграција и морална деградација на ликот во прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски“. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година, исто така под менторство на професорот Андоновски, на тема „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“.

Досега има објавено стотина есеи, интерпретации и рецензии. Коавтор е на книгата „Големиот скок – избор од македонскиот расказ и од најновата македонска лирика“ (2003) со Васил Тоциновски. Автор е на две посебни книги за романите „Две Марии“ од Славко Јаневски (2003) и за „Црно семе“ од Ташко Георгиевски (2003), на книжевно-теориските книги „Чекајќи ја егзегезата“ (2005) и „Книжевно-критички перцепции (2011), на прозно- поетските збирки „Омразенија“ (2005) и „Марионетки“ (2011), како и на збирката раскази „Чуварот на тајната“ (2008). Коавтор е и на три учебници по македонски јазик и литература за средно стручно образование.

Работи како доцент по литература на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Штип.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top