| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија е подготвена за евентуална појава на ебола

На Клиниката за инфективни болести, има две посебни соби со негативен притисок каде може да се згрижат по еден пациент, а останатите осум простории се како соби за изолација каде може околу 20 пациенти да се згрижат

Emory University Hospital to treat Ebola patient in Atlanta, Georgia, USA

Македонија е подготвена од евентуална појава на заразен со ебола.  Доколку се појави патник со симптоми на вирусот ебола на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје се обезбедени посебни простории за изолација, каде тој ќе престојува се додека не биде преземен со специјално санитетско возило и ќе биде транспортиран на Клиниката за инфективни болести. Исто така за останатите патници кои имале контакт со заболен од ебола обезбеден е посебен карантински простор во кој ќе престојуваат 21 ден додека не се утврди дали имаат симптоми на вирусот.

Ова денеска го изјави доктор Јованка Костовска, член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, која рече дека одржале координативен состанок со раководството на аеродромот „Александар Велики“ на кој станало збор за активностите кои треба тие да ги преземат и оние кои Комисијата ги презема со цел да бидат поподготвени за евентуална појава на заболен или сомнителен на вирусното заболување.

– Обезбедени се сите мерки за превенција од ебола, а донесовме и протокол за постапување при јавно-здравствен настан од биолошки ризик, кој е усвоен на Комисијата за заразни болести пред неколку дена и е доставен до аеродромските служби и до сите надлежни институции каде точно е нотирано кој какви мерки презема – нагласи Костовска.

На Клиниката за инфективни болести, има две посебни соби со негативен притисок каде може да се згрижат по еден пациент, а останатите осум простории се како соби за изолација каде може околу 20 пациенти да се згрижат.

– Очекуваме сомнителен еден максимум до двајца во оваа ситуација во светски рамки како што е сега. Продолжуваме со секојдневни состаноци на Комисијата, со постојана комуникација со аеродромските власти и со граничната полиција и царината, со цел да бидеме навремено информирани за евентуална појава на заболен патник. Аеродромските власти имаат и свои постапки кои ги почитуваат и знаат точно да постапат како треба да се однесуваат ако во авионот има заболен или сомнителен патник и кого треба да известат, рече Костовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top