Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева – Бошева од пред шест месеци застанаа на чело на женската ракометна секција на црвено-црните и јавноста веднаш се насочи кон клубот што долго тлееше на маргините на нашиот спорт и сега очекува некаков бум, можеби сличен на тој на Ѓорче Петров од почетокот на векот.
Кога минатиот викенд ЖРК Вардар СЦБТ без проблем помина меѓу шеснаесетте најдобри во престижниот ракометен куп на ЕХФ, кај спортски упатените интерес не предизвикаа двете лесни победи над грчки Патрас, колку начинот на кој функционира тандемот Инди – Гоца. Не толку одамна Кастратовиќ и Нацева – Бошева беа дел од единствениот европски првак што оваа земја го дала во големите екипни спортови, Кометал Ѓорче Петров, редовно нѐ носеа на светските и континентални шампионати и повеќе од заслужено се здобија со углед на легенди. Младите жени што комотно можат да учествуваат на секој избор на убавина, не се оддалечија од спортот, не се сокрија зад постигнувањата во минатото и излегоа на виделина, на работа. Макотрпна, на терен, со луѓе и со неизвесност како ќе заврши сѐ.
Кастратовиќ: Не се плашам, напротив, со нетрпение ја прифатив обврската да го водам ЖРК Вардар СЦБТ. Искуството од настапите како играч, но и обврската што ја имав во периодот од 2003 година до сега, со младинската школа, многу ми помага. Има една друга димензија да се водат сениорки, секако, но, од друга страна, и е полесно затоа што тие можат да ги исполнат сите замисли.
Нацева – Бошева: Никогаш не се оддалечив од спортот иако, можеби, не бев во фокусот. Спортски директор сум на женската ракометна репрезентација, што ми беше одлична подготовка за сегашната улога на претседател на клуб. Знам точно што им треба на играчите, гледам да одиме во пресрет на настаните и обврските и тоа нѐ прави единствени или ретки во македонскиот женски спорт. Тргнавме добро и не се во прашање само резултатите, туку тоа што поставуваме стандарди и гледаме да се држиме до нив.
Ведри, расположени. Постојано. Се гледа дека добро им оди во професијата, која ги исполнува. Свесни се дека е рано и дека допрва ќе треба да се соочат со вистинските зафати. Едната напаѓач со рекорди и со признанија. Стрелец пар екселанс и левица како молња, другата човек од доверба на гол-линијата. И сега размислувањата им се дел од спортскиот, но и личен карактер.
Кастратовиќ: ЖРК Вардар ќе биде атрактивна екипа. Нема да бидеме посветени само на резултатот и ќе се обидеме да бидеме разновидни во нападот и со добра, цврста поставеност пред своите шест метри. Од составот што го имаме извлекуваме максимум, а не сме ни доволно разиграни. Странските засилувања се приспособуваат, нашите ракометарки го прифаќаат мојот стил. Во секој случај, ние не сме екипа за малку голови, туку напротив, за 25-30 по средба, што и беше остварено во првите европски настапи.
Нацева – Бошева: Во моментов во јавноста сме прифатени и презентирани како колонија на странци, но ние имаме многу наши ракометарки. Целта ни е во блиска иднина да исфрлиме свои кадри. Веќе почна со работа младинската школа во која имаме стотина деца. Ќе се потрудиме да ги креираме и како спортисти и како личности. Тоа само ќе потврди дека визиите не ни се еднократни или краткорочни, туку, напротив, од ЖРК Вардар СЦБТ сакаме да направиме институција.
Два Зорана, Сара и Миа
Двете икони на македонскиот спорт од поодамна се со семејство. За бракот на Индира со познатиот тренер Зоран Кастратовиќ се знае од многу повеќе. Двајцата се долго во ракометот, а кога главата на фамилијата беше без ангажман тука или надвор, заедно ја водеа сопствената школа во која порасна и Сара, која сега има 13 години.
Гордана е помлада по стаж во бракот со светиколецот Зоран и ја имаат ќеркичката Миа, која има четири и пол години. Засега не ја насочуваат кон спорт или ракомет иако тоа, веројатно, е некако природно.
За остварување на плановите Кастратовиќ и Нацева – Бошева освен од својот ангажман, зависат и од сопственикот со кој засега градат односи што изгледаат идилично. Сергеј и Ира Самсоненко ги исполнуваат сите барања и имаат целосно разбирање.
Кастратовиќ: Има многу заеднички црти со Кометал од 1994 година или од 1995 година, кога се почнуваше со изградба на подоцнежниот првак. За сѐ треба време и затоа не може веднаш да се очекуваат постигнувања што ќе ја одушеват јавноста, која низ ликовите на Индира и на Гордана веднаш гледа победи, шампионски лиги, еуфорија.
Нацева – Бошева: Имаме сон, кој, во основа, има многу реални елементи. Впрочем, во земјава се малку тие што можат да се пофалат дека имаат свој автобус, апартмани за девојките, редовна исплата на договореното и бонуси. Сѐ е врвно, со медицински третман, со екипираност во сите сфери. Од сопственикот, затоа што ние сме редефинирани и трансформирани во акционерско друштво, ја имаме сета поддршка за визиите што ги имаме.
Нема императиви и притисоци од страна на семејството Самсоненко, но Инди и Гоца знаат дека резултатите се тие што ќе ја поткрепат новата страница на вардаровата женска ракометна секција. Три натпреварувања, три желби. Патем треба да оди порастот за следните години.
Кастратовиќ: На Металург гледаме како на здрава конкуренција. Сакаме и тие да одат напред и да се поттикнуваме меѓусебно. Ги почитуваме, тие се добра организација и во моментов се подобри и носители на титулите. Од тоа ривалство што се појавува, а ќе биде и уште поизразено, добивка ќе има женскиот ракомет во Македонија.
Нацева – Бошева: Како и да поминеме во тековната сезона нема да запреме во амбициите. Следното лето ќе бидеме повторно активни на пазарот и тоа не само овде. Добро е што веќе не постојат граници, па Скандинавки играат на Балканот, Русинки со звучни имиња кај нас. Ќе се обидеме да се дооформуваме иако во моментов сме посветени на тимот што го имаме.
10 години од титулата на Кометал Ѓорче Петров
Годините поминати на Кале во Скопје со еден прекрасен состав девојки остави неизбришлива трага во животот на Индира Кастратовиќ и на Гордана Нацева – Бошева. Тие и сега се често во друштво на старите другарки и на спонзорот на Кометал Ѓорче Петров, Трифун Костовски. Двете признаваат дека пехарот во лигата на шампионките е само круна на еден преубав период од нивниот живот, исполнет со позитивни настани, патувања, победи.
Настрана добрите услови, засилувањата и поддршката од финансиерите, сѐ е втемелено на двоецот, кој овде има име, има тежина. Додека беа дел од европскиот клупски првак функционираа како часовник, никогаш лош збор, никогаш не се оддалечија. Сега се повторно заедно во проект што ветува, но само ако ги издржат сите бранови што ги очекуваат.
Кастратовиќ: Имам целосна доверба во Гордана и искрено се радував кога беше поставена за претседател. И не е функцијата важна, едноставно знам дека имам грб и дека работиме за иста цел.
Нацева – Бошева: Јас и пред да бидам поставена бев прашана за Индира како тренер и немав никаква дилема. Впрочем, толку голем играч не може да биде лош менаџер или тренер. Сега ни треба само време. Добра желба имаме, искуство, исто така. Годините пред нас ќе покажат дали имаме капацитет да создадеме нешто ново и добро.
Разговараше: Перо Момировски – Р.С.Р.
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.