
Дојран, Берово, Ресен и Крушево, градот на културата за 2014 година, се општините што заедно со Министерството за култура ја почнаа реализација на проектот „Културно лето, културна зима“, кој ќе создаде предуслови за развој на вкупниот туристички сектор во државата.
Овие општини што имаат големи туристички потенцијали ќе им овозможат на граѓаните и на туристите од регионот да уживаат во богата културно-уметничка програма во текот на летото.
Во Крушево во тек е манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ и летниот саем на книгата, кој ќе трае се до 15 август. На саемот во Домот на културата „Наум Наумовски-Борче“ освен промоциите на повеќе книги од познати автори посетителите ќе можат да се дружат и со младите писателки Елена Христова и Ирена Блажевска. Вечерта е резервирана за концертот на Миле Кузмановски кој ќе се одржи во 21 часот на градскиот плоштад во Крушево.
Во Домот на културата утревечер, на 6 август, со почеток во 20.30 часот граѓаните и посетителите на Крушево ќе можат да уживаат во класичната музика. Во рамки на вечерта на оперски дуети насловена „Љубовни приказни“ ќе настапат сопранот Билјана Јосифов и тенорот Дарко Нешовски во придружба на пијано од Милан Јанкуловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


