До 3 март, потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, треба да реши дали ќе ја исполни желбата на тој што го аболицираше за случајот „Глобал“ пред пет години, Бранко Црвенковски, и да ги бојкотира изборите или ќе го послуша внатрешниот глас и желбата на поддржувачите да настапи на претстојните избори. Прашање е дали тој без поддршка од СДСМ има доволно гласачи за да продолжи со раководење на општината, која е под негова капа од 2005 година.
Од друга страна, Бранко Црвенковски, преку караницата со Стевче Јакимовски, му порача дека ќе го направи херој, а Јакимовски ќе зажали. Многумина типуваат дека струмичкиот градоначалник ќе биде наследникот на Црвенковски по конгресот во мај, по желба на лидерот. Заев важи за народен, помалку избувлив, на моменти непромислено брз човек, вреден градоначалник, но не доволно храбар за докрај да му се спротивстави на Црвенковски на кој му должи спас од затвор. Непромисленоста често го доведува Заев во состојба да каже нешто, а потоа да се правада дека не мислел така.
…………………………………………………………..
Црвенковски со своето дејствување, кое, несомнено, ја води партијата во пропаст, заедно со своите најпослушни приврзаници, се чини нема да престане со продуцирање нови и нови кризи. Може да дојде до враќање на пратеничките мандати, спречување на изборниот процес на 24 март, може да се повлечат членовите од изборните органи и ДИК, а опозицијата потпиша и декларација за поништување на изборните кандидати во Куманово, иако за тоа нема законско право. Сето ова најдобро говори за начинот на кој Црвенковски создава неред за спас на својата кариера, бегство од локални избори за да не доживее уште еден пораз.
Иако тој сега има 42 пратеника на своја страна, според тоа што се случува на терен, со постојано исклучување членови и со ситнење на партијата, тој далеку е од бројката од 370.000 гласачи, кои ги внесоа тие пратеници во парламентот. И ако образложението е дека бојкот е поради тие 370.000 гласачи, кои, наводно, на 24 декември биле избркани од Собранието сосе пратениците, прашање е колку од тие гласачи се согласуваат со ваквиот начин на дејствување на Црвенковски, чијашто одлука за неизлегување на избори е поддржана само од 16 проценти, според анкетата на ЦИА.
……………………………………..
Љубчо Георгиевски, кој во последно време го снема од јавноста, можно е да застане на страната на Стевче Јакимовски поради заеднички интереси во општина Карпош поради градежните активности во тој дел од градот.
Нема да изненади ако личните интереси натежнат над партиските и тоа да биде причина за прегрупирање на политичката сцена. Дека партиите се уценуваат и со некои деловни релации за кои јавноста не е запознаена, најдобро говори и тужбата што „Урбан инвест“, фирма блиска со СДСМ, ја најави по кандидатурата на Јакимовски.
…………………………………………………..
Во моменти кога опозицијата ја критикува власта за непатриотизам што дозволи поранешниот командант на ОНА Талат Џафери да биде министер за одбрана, таа ги бојкотира критичните општини со мешовит етнички состав што ја отвора можноста први луѓе во тие локални единици да бидат Албанци, што ќе значи потенцијални искри за создавање тензии на етнички план. Најкритична е состојбата во Кичево, каде што без гласовите на СДСМ, општината што сега ја раководи кадарот на ВМРО- ДПМНЕ Благоја Деспотовски, може лесно да се најде во рацете на ДУИ. За да не дојде до тоа, опозицијата, која официјално ги бојкотира изборите, може премолчено, сепак, да го поддржи кандидатот на владејачката партија. Во Струга, на пример, членовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ ќе го поддржат кандидатот Македонец Владо Кочовски, а ДУИ и ПЕИ имаат договор да се поддржи кандидатот на ДУИ, а за возврат тие да ги дадат гласовите за Зунан Зунуни од партијата на Фиат Цаноски во Маврово – Ростуша.
Една од причините поради која СДСМ не смееше да си го дозволи бојкотот е токму таа – да не се дозволи во Македонија да се зголеми бројот на гардоначалници и на советници Албанци.
Целата анализа можете да ја прочитате во новиот број на неделникот „Република“ (петок 1 март)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.