Македонската влада може да очекува дивиденда за минатата година од 22 милиона евра за 34,8 проценти од акциите што ги поседува во „Македонски телеком“, објави „Дневник“.
Според финансиските резултати објавени вчера, телекомуникациската компанија, која е во мнозинска сопственост на „Дојче телеком“, лани остварила нето-добивка од 61,7 милион евра, што е намалување за 23 проценти во споредба со заработката во 2011 година.
Раководството на компанијата го објаснува намалениот профит со острата конкуренција, ценовната војна и со опаднатата куповна моќ поради кризата, кои доведоа до тоа вкупните приходи во 2012 година да бидат 224,3 милиони евра, односно за 12 проценти пониски отколку во претходната година. Телекомот лани инвестирал 85 милиони евра.
– Одлуката за дивиденда и за тоа колкава ќе биде ја носи Собранието на акционери. Но, бидејќи компанијата има приход, очекувам дека ќе има исплата на дивиденда – изјави Даниел Сас, главен извршен директор на „Македонски телеком“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.