| четврток, 6 декември 2018 |

Сонот на Болт – 200 метри за помалку од 19 секунди

Повеќекратниот олимписки шампион и рекордер на трките на 100 и 200 метри во атлетика, Јамајчанецот Јусеин Болт изјави дека по натпреварувањето на игрите на Комонвелтот ќе се концетрира на трката од 200 метри.
Светскиот рекордер на натпреварувањето во Глазгов настапи само на штафетната трка четири пати по 100 метри за својата земја и го освои златото.

– Мислам дека доволно направив на трките од 100 метри. Јас сум светски рекордер во оваа дисциплина и знам дека луѓето сакаат да ме гледаат во најбрзата дисциплина, но ги сакам трките на 200 метри и по игрите на Комонвелтот ќе се насочам со тренинзи на оваа делница. Отсега моја главна цел ќе биде токму оваа трка – изјави Билт за британските медиуми.

Болт пред пет години во Берлин го урна светскиот рекорд на 200 метри истрчувајќи 19,19 секунди. На истото Светско првенство тој го урна рекордот и на двојно пократката патека со ново време од 9,58 секунди.

– Времето на светскиот рекорд може уште да се намали. Никогаш не се знае кој може да се појави во иднина и да истрча побрза трка. Мислам дека 200 метри може да се истрчаат за помалку од 19 секунди. Тоа е една од моите главни цели. Ќе се насочам на тоа и напорно ќе тренирам – додаде Болт.

Осумкратниот светски шампион ќе настапи на трката на 100 метри на 14. август на Копа Кабана во Рио де Жанеиро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top