Кратово е град со типична староградска македонска архитектура и е познат по своите кули и мостови. Во него има околу 17 моста, иако денес не се сите во функција. Градени се од камен, во облик на лак што мирно се спушта врз двата брега. Изградени над многу длабоки и стрмни речни корита, мостовите се видливи еден со друг. Поврзувајќи ги левиот и десниот дел на Кратово и извишувајќи се над водите на Табачка Река, средновековните мостови привлекуваат внимание и љубопитност за посетителот. Низ Кратово течат повеќе реки: Манцева Река, Бабакарина Река и Табачка Река, кои се спојуваат во центарот на Кратово и ја формираат Кратовска Река. Најпознат е Радин мост, но со својата убавина пленат и другите кратовски мостови: Грофчанскиот, Чаршискиот, Јокширскиот, како и Горномаалскиот мост. За најпрочуениот Радин мост се раскажува потресна легенда според која во темелите жива е заѕидана Рада. Потресната приказна за деветте браќа-ѕидари и за убавата невеста Рада сѐ уште привлекува голем број странски и домашни туристи, кои доаѓаат да го видат легендарниот Радин мост во Кратово.
Според приказната, мостот го граделе девет браќа, но тој постојано паѓал и за да го зацврстат, одлучиле најмладата снаа да ја заѕидаат жива. Таа имала машко дете-доенче и плачејќи побарала да ѝ ја остават слободна десната града за да може да го дои чедото. Мостот се наоѓа на Манцева Река и подигнат е во 1833 година на две високи кули, од кои едната е висока 28, а другата 29 метри. Импресивната глетка, средновековните кули на кои лежи мостот и легендата за жртвувањето на младата невеста оставаат силен впечаток кај посетителите, кои со интерес ги слушаат легендите на старите кратовци додека стојат на мостот над Манцева Река. Иако денес многу малку е останато од автентичната градба на некогашниот мост, туристите, сепак, ги привлекува несекојдневното предание.
Мостот бил подигнат и пуштен во употреба на 16 септември 1833 година, а управувањето со градбата му било доверено на тогашниот скопски големец Хавзи-паша. За изградбата на мостот била обезбедена финансиска помош од градот Дубровник, благодарение на заложбите на жителите на дубровничката колонија во Кратово, која имала 57 куќи, и на германските рудари Саси, кои ги обновиле старите кратовски рудници. Мостот преку Манцева Река бил потребен за комуникација со Злетово, Лесново, Штип, Кочани и со околните градови.
– Уште кон крајот на 14 век, познатиот мајстор Раде изградил мост, кој бил познат како Радев мост. На двете страни имало стражарници и се наплаќала мостарина во натура – со јајца, мед, сирење, урда… Но, околу 1820 година мостот бил уништен по удар од гром. Така, патниците останале отсечени, а трговските врски со околните градови биле отежнати и морало да се кружи преку Аргулички мост. Затоа, дубровчаните и Сасите, кои живееле во Кратово, издејствувале средства од Дубровник и ја почнале изградбата на легендарниот Радин мост, непосредно над разурнатиот Радев мост, од кој сѐ уште стојат остатоци – раскажуваат кратовци, кои долги години ги чуваат и собираат легендите и преданијата за знаменитостите во Кратово.
Според легендата, изградбата на Радин мост била аманет од мајката на деветте браќа-ѕидари.
– Мајката на деветте браќа, кои биле од кратовското село Крилатица, еден ден тргнала на пазар во Куманово, но не стигнала затоа што Kрива Река го однела Марков мост. По тоа, таа на своите синови им оставила аманет да градат по еден мост секаде каде што ќе одат за да се шири шоплакот, бидејќи тие потекнувале од подрачјето населено со шопи и сите деветмина имале шопски имиња – раскажуваат кратовци.
Според преданието, тие почнале да го градат мостот на Манцева Река, но тој постојано се уривал. Сѐ што ќе изграделе дење, ноќе паѓало. За да им „трае“ мостот, тие се договориле снаата што утредента ќе им донесе ручек да ја заѕидаат во темелите за да се зацврсти градбата. Сите им кажале на своите невести за договорот, само најмалиот брат не кажал. Утредента, најмладата Рада им приготвила ручек и им го однела на мајсторите, а кога ја видело нејзиното момче, силно заплакало. Деверите, пак, ја фатиле и жива ја заѕидале во темелите. Рада само милно ги замолила да ѝ ја остават десната града за да може да си го надои машкото дете.
Ова е најраширената и најприфатена легенда за која Васка Илиева има испеано и песна, но постои и предание дека во темелите на мостот е заѕидана само сенката на Рада, а таа била поштедена да не оди курбан заради доенчето што го имала, се раскажува во Кратово.

Јокширски мост
Интензивната комуникација на луѓето во градот Кратово неминовно придонела за градење мостови на Кратовска и на Манцева Река, а со единствена цел да се подобри комуникацијата на градот од левата и од десната страна на овие реки. Денес на Кратовска Река се сочувани четири камени и еден дрвен мост, како и еден бетонски. Кратовските мостови претставуваат соодветен израз на градителството во турскиот период кај нас. Во нив се вткаени вековните неимарски искуства на турско-словенското градителство. Тоа се мостови со главен лак, со прецизно изработена архиволата и со нагласена декоративна линија. Со обнова на занаетчиството и на трговијата во 19 век, во градот се појавила потреба за изградба на нови мостови. Неколку мостови се подигнати токму во тој период: Радев мост, Радин мост, Грофчанскиот мост, Чаршиски мост, Јокшински мост, Свински мост, Сарајски мост.
Грофчанскиот мост му припаѓал на богатото семејството Грофчанци, кое дошло од Мала Азија. Всушност, во подемот на Кратово имало и 38 богати еврејски семејства – Кољо, Симон, Давид…, кои биле определени во своите дејности. Еден бил трговец со јужно овошје, друг трговец со кожа, трет трговец со месо итн. Тоа е времето кога од Кратово до Солун се одело три дена пеш, исто колку и од Кратово до Софија. Градот тогаш имал силно развиени трговски врски со Дубровник, како и со другите трговски градови на Балканот и пошироко.
Овој мост уште е познат и како Грошчиски и ја поврзува Ајдучката чаршија со другиот дел на градот и е единствениот што има два свода, а семејство Грошчијци веднаш до него изградило и сарај.
Старите камени мостови во Кратово, кои пленат со својата импозантност и автентичен архитектонски израз, во себе кријат многу преданија и приказни за градот на древностите, кои старите жители ги пренесуваат од колено на колено.
Покрај легендарниот Радин мост, интересно предание се пренесува и за Грофчанскиот мост. Тој се наоѓа во самиот центар на градот, изграден над Табачка Река. Познат уште и како Грошчиски, тој е најдолг мост во чаршијата (30 метри долг и 4 метри широк) и, за разлика од останатите кои имаат само еден отвор, е единствениот што има два свода.
– Повеќе стари кратовци го пренесуваат преданието дека семејството на ефенди Ахмед, со прекарот Грошчиски, кога се доселило во Кратово, го купило сарајот со дворот и со дрвениот мост до него. На негово место решиле да изградат импозантен и уникатен мост за што го ангажирале прочуениот мајстор Максим, познат како чуп Максим бидејќи имал деформитет на носот, односно немал носна коска. Се смета дека двата свода под речното корито и малиот отвор го претставуваат неговиот лик. Но, иако по стариот обичај, кога мостот ќе бил завршен, на мајсторот требало да му се отсече главата за да не изгради никаде на друго место таков мост, на ефендијата му било жал да го погуби и затоа мостот го прогласил за недовршен – раскажуваат кратовци.

Грошчиски мост
Богатиот турчин имал еден син, на кој подоцна му се родиле два сина-близнаци – Асим и Асан. Но, уште од мали постојано се карале и тепале, а така продолжиле и кога се ожениле. За да ги прекинат нивните кавги, семејството ги разделило и им изградило по една куќа – на едниот на едната, а на другиот на другата страна од мостот.
Но, тие и натаму продолжиле со завист да се расправаат кој е побогат и почнале да го поткопуваат мостот. Кога го извадиле и последниот камен што го држи мостот, т.н. чилут, се прочуло дека паднал мостот на мајстор Максим. Нему му паднало тешко и им рекол дека браќата мора да се разделат.
Тогаш таткото рекол: „Ви дадов летоска да ладувате, зимоска да не зимувате, ама не знаевте“, а мајката ги проколнала: „Кога не знаете да играте со ореви, играјте со камен“, вели легендата.
Двајцата браќа тргнале по светот, а судбината сакала повторно да се населат едниот од едната, а другиот од другата страна на еден мост во некој непознат град. Но, наместо во богатство, сега седеле и проселе. Ги видел некој сеирџија и еден ден им закажал средба среде мостот. Им дал една книжна пара и им рекол: „Ако ја расцепите и вие ќе се разделите, ако не, парата ќе ве обедини“. Тогаш, браќата се прегрнале и решиле натаму да живеат братски.
Сарајскиот и Чаршискиот мост се под и над Грофчанскиот мост. Според некои податоци, и Сарајскиот мост, од кој денес постојат само урнатини, е изграден од семејството Грошчијци. Се наоѓал над Табачка Река, пред таа да се соедини со Сарајска и да продолжат како Кратовска Река. Тој се наоѓал на излезот од сарајот и ги поврзувал деловите на градот од двете страни излегувајќи на главната градска улица.
– За овој мост, кој уште е познат и како Асанов, постои предание дека Асан-бег имал многу убава жена, но бил многу љубоморен,па затоа го изградил мостот само за неа, да може да излегува директно од сарајот и не ја гледаат мајсторите и чираците од дуќаните во чаршијата. Тој бил урнат во 1921 година од поплава. Чаршискиот мост, пак, кој се наоѓа над Грофчанскиот, се нарекува уште и Царски, а за него постои легенда дека кога царот го посетил Кратово, сакал да остави некој белег од него. Бил во Ајдучка чаршија и видел како една жена со коњ поминувала низ мал дрвен мост. Им рекол да ја прашаат жената што сака, а таа кажала дека сака да се изгради голем мост за да може со коњите и со добитокот директно да се влегува во чаршијата. Тој ја исполнил нејзината желба и мостот како подарок од царот бил пуштен во употреба во 1804 година, раскажуваат упатените.
Покрај овие три моста и преданијата за нив, како и за Радин мост, во Кратово уште се зачувани и познати старите камени мостови – Јокширски, Аргулички и Горномаалски мост.
Останатите камени мостови веќе не постојат, а зачуван е древниот дрвен Џонев мост. Заедно со новоизградените, овој древен град денес има вкупно 18 моста.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 99. број на неделникот „Република“, 25.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.