
Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор
Евроатлантските претензии на Македонија се блокирани од соседна Грција. Како членка на двете големи организации, своето право на вето го користи да изнуди промена на нашето државно име. Проблемот што го создаде, формулиран како „спор за името“ – израз на нејзиното несогласување со името на нашата држава (до 1988 година не ѝ пречеше?!), речиси две децении ја попречува македонската интеграција во ЕУ/НАТО, а решавањето на овој „спор“ се претвори во клучен услов за тоа. Пораките од сите страни беа (и сè уште се) – решете го спорот за името (!), иако апсурдноста на истиот веќе е разбрана. Она што овде мора да се потенцира е фактот дека на Грција, всушност, ѝ преч(еше)и нашиот македонски идентитет, идентитетот на македонскиот народ произлезен од исконското име на нашата држава; тоа до скоро го затскриваше токму зад т.н. „спор за името“. Меѓутоа, на „големите актери“ е – да не дозволат нејзините лични проблеми или желби да ја менуваат судбината на еден народ! Таа го негира постоењето на македонскиот народ, држава и нејзините атрибути. Реторички. Зашто, негациите не ги менуваат фактите!
Како и да е. Македонија има потреба од помош. Однадвор, од влијателни фактори кои во владеењето на правото и примената на демократските принципи (начела на кои почива самата ЕУ, и оправдано ги пропагира), ќе го решат македонско-грчкиот „спор за името“. Во последно време, таквите очекувања се насочуваат кон Германија (Метју Нимиц вели и САД, и други, се заинтересирани за решавање на „спорот за името“), која преку одредени активности на свои политичари/пратеници, изјави на канцеларката Ангела Меркел, покажа најава за сериозно вклучување во решавањето на споменатиот проблем. Ќе се заземе ли конечно сериозен европски политички авторитет да го пресече современиот македонски (Гордиев) јазол, што на Македонија, нашиот јужен сосед ѝ го приреди, и го наметна како „консензуална“ пречка на патот кон ЕУ и кон НАТО. Ќе биде ли тоа токму енергичната германска канцеларка Ангела Меркел?
На „јазолот„, – научнички (презентирајќи документи од Политичкиот архив на германското Министерство за надворешни работи), хронолошки и сосема отворено, без заобиколување на реалните историски факти, првиот германски амбасадор во Македонија, Ханс Лотар Штепан, му го посвети своето дело – „Der Mazedonische Knoten“ (2004), „Македонскиот јазол“ (2005), „Тhe Macedonian Knot“ (2009).
Ханс Лотар Штепан (Hans Lothar Sтeppan) ќе остане во меморијата на Македонците како голем и искрен пријател, кој во својата книга ја стави на увид историската вистина за Македонија. Делото е дотолку позначајно бидејќи суштината на македонското прашање е презентирана од перото на еден странски, непристрасен дипломат! (Значајни дела на оваа тема – поткрепени со документирани факти напишале/објавиле и многу наши познати историчари). Во интервју реализирано од Горан Момировски (2008), амбасадорот Ханс Лотар Штепан вели: “Macedonia does not need to yield in the dispute with Greece and that it is a victim of the European conspiracies from the start of the 20th century…“
Во интервјуто, дипломатот Х.Л. Штепан констатира: „I am convinced that all historians will agree that if you want to understand today’s political situation, you have to get into history”; ова, наспроти оние – однадвор (но и одвнатре – неколкумина професори, „експерти“ и разно-разни „аналитичари”, поедини новинари), кои повеќе години наназад, притискаат Македонија „компромисно“ да го промени своето име и идентитет! Нè убедуваа(т) во спротивното – требало да се гледа напред во иднината – не во историјата! Но, на Македонија ѝ треба (и) историјата – токму заради иднината! Кому му треба обезличена иднина!
Понатаму г. Штепан вели: „As I have discovered, history for example proves that Greece never possessed Macedonian territories before 1912-13. Not in ancient times, not in Roman times, not in Slav times, not even in Ottoman times. Only after breaking International law in 1912-13 during the Balkan Wars, together with Bulgaria, Serbia and Montenegro it occupied and annexed Macedonia, Thrace and Epirus. On that basis Greece stole Macedonian territories, because this was done against international law”. И, додава: „This historic connection is completely independent of Macedonia’s right to self-determination. All people in the world have the right to self-determination. Macedonia too has that right and should decide on its own about its identity and name. No one has the right to interfere…“. А, на прашање поврзано со ЕУ и НАТО дипломатот вели: „They know that Greece is skillful, that it lies and that it lies to Macedonia, they know it should not be like that. Especially from the cradle of Europe, from the cradle of democratic principles. Greece needs to be held responsible for the truth and for justice…“.
Пред една декада германски(от) дипломат ја започна сторијата (политичка) за Македонија. Ќе ја заoкружи ли актуелната германска дипломатија на чело со респектабилната канцеларка Ангела Меркел – според демократските принципи и германската прецизност?
Во март годинава (2014), седуммина членови на германскиот Бундестаг во Атина имаа политички разговори со домаќинот. Имаа можност лично да се уверат во позицијата (непопустлива) на јужниот сосед во врска со „спорот за името“ со Македонија. Во разговор за Дојче веле (Deutsche Welle) изнесувајќи ги своите впечатоци од овие разговори, потсетуваат дека решението на спорот за името не смее да се поврзува со агендата на Копенхашките критериуми (политичкиот маневр на Грција последните година-две, м.з.), имајќи предвид дека и од ЕУ е констатирано дека „има добар развој во земјата“ и не смее да биде пречка за почеток на пристапните преговори. По престојот и разговорите во Атина, германските парламентарци остануваат со впечатокот дека „Македонија и спорот за името и натаму остануваат тешка тема“, изразувајќи скепса околу решението и конечното симнувањето од дневен ред на ова прашање. Воедно, посочуваат и на отсуството на волја кај грчката страна за почитување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата од Хаг за непочитувањето на Привремената спогодба од страна на Грција, со што сè уште се попречува членството на Македонија во ЕУ/НАТО. (Од пресудата во Хаг јасно се гледаат обврските на Грција, но и на меѓународната заедница во однос на Македонија /Ѓ.И./. Судот во Хаг е орган на ОН, основан од ОН (1945), а посредникот во „спорот“ со името Метју Нимиц – именуван од ОН (2005)? Која е сатисфакцијата на странките ако одлуките на овој Суд може да бидат игнорирани, делумно или селективно почитувани – ако изостанува ефектот од нив? (Примарната цел на Меѓународниот суд на правдата во Хаг е да решава спорови меѓу држави).
Последните активности на канцеларката Ангела Меркел, изјавите врзани за Македонија (…„нерешениот проблем на името и на идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за нас“…; Дубровник, 2014), во политичките (и новинарски) кругови се земаат како потврда дека канцеларката е инволвирана во разговорите околу спорот со името. Посебно за одбележување е тоа што, конечно, еден активен, моќен европски државник, претставник на Унијата кажа јасно и гласно, дека во т.н. спор со Грција не е во прашање само името на државата (Македонија). Оваа година и Самарас (претходно и Папуљас) го призна тоа. (Во државата, пак, поединци надмено тврдеа и убедуваа дека се оспорува само името, не и идентитетот на Македонците/македонскиот народ. Можно ли е универзитетски професор(и), некои од нив – правници, поранешни дипломати, министри… да промашил(е) во политичките процени кај еден ваков сериозен предмет или …
Македонскиот народ има јасна визија: сака евроатлантска интеграција за својата земја, но како рамноправна членка на овие организации – зачленета под уставното име. Името на државата, народот и неговиот идентитет се нераздвојно поврзани. Именувањето (и идентитетот) на народот произлегуваат од името на државата: во Америка се Американци, во Германија – Германци, во Франција – Французи, во Грција – Грци…). Оттаму, зошто – преговори за името???
„Македонија има право да го користи своето име според меѓународното право. Македонија фактички игра целосна улога во НАТО, иако таа не е формално членка. Вистината е дека Грција не сака решение на прашањето за името бидејќи таа знае дека единственото можно решение е финално признавање на Република Македонија под нејзиното правилно и легално име: Република Македонија. Затоа Грција прави сè што може, и тоа за повеќе од 20 години, да нема завршување на овој спор“, изјава на Робин О’Нил, амбасадор и прв посредник во грчко-македонскиот спор околу името.
Велат – се работи „само“ за додавка на некаква одредница на уставното име Република Македонија. Меѓутоа, факт е дека каква и да е додавката, каде и да е позиционирана, го модифицира името на државата, а и најмалата модификација значи – промена на изворното име, со сите последици! Модификацијата на името носи и идентитетска модификација. Оттаму, и не е важно дали официјално се преговара за идентитетот или не. Последната изјава (28/9.07.2014) на посредникот Нимиц (реторички) звучи добро, но…
Македонците се МАКЕДОНЦИ, со корени длабоко закотвени во македонската почва; со многу пра-пра-прадедовци – Македонци! Небулозата – да ѝ се промени името на државата е антицивилизациски чин и политичко насилство. Непочитување на правата на еден народ загарантирани од ОН. Европа мора да го зачува својот кредибилитет. Не смее да дозволи, консензусот (инаку корисна алатка при одлучување за важни прашања за ЕУ) да се претвори во камен за сопнување и средство за заобиколување на правните норми.
И за крај. Без оглед дали канцеларката Меркел или некој друг ќе го отвори патот на македонската интеграција во ЕУ/НАТО, важно е тоа да биде изведено според демократските принципи за кои Западот силно се залага; какво било прекрстување/преименување би било антицивилизациски и антидемократски чин, кој за Македонија и Македонците во 21 век ќе значи – повторување на Букурешт 1912/13! Името на државата, името на народот се работи за кои не се преговара и недостоинствено е да бидат предмет на каков било компромис. Тоа го знаат европските/светските политички авторитети зашто таквите вредности се свети и за нив, и за нивните земји и народи. И, за оние 135 земји што не признаа под уставното име – Република Македонија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


