
Колумнист:
Ненад Мирчевски
Раководството на СДСМ накратко го прекина летниот распуст, но без челниците на партијата да ги напуштат ладните сенки и удобните лежалки. Во неколкуте минути пауза од сончање и од капење ѝ се обратија на јавноста преку своите профили на „Фејсбук“, колку да покажат дека ги следат политичките збиднувања во државата. Во кратките коментари на социјалната мрежа избегнуваат да го означат местото од каде што пишуваат. Очигледно не сакаат никој да им го наруши уживањето на жешкиот песок. И до некаде тоа е во ред. Човек има право да посака малку приватност. Но, апсурдно е, и во исто време навредливо за граѓаните, тоа што првите луѓе на најголемата опозициска партија во државата, наместо да бидат коректори на власта, си доделија колективен одмор од еден месец како да се опозиционери во некоја скандинавска земја, а не на Балканот. Заборавија дека пред само неколку месеци за време на изборите го убедуваа народот да им го довери гласот за ден поскоро да го спасат од режимот и да ја вратат демократијата. Заборавија и дека ветуваа жестока битка против власта и покрај тоа што нема да бидат во парламентот. Не се сеќаваат ниту на ветувањата за влада во сенка (или пак ја замислувале како влада под сенка на плажа). Можеби очекуваа народот да го заборави тоа што го зборуваа.
Со тоа што решија да исчезнат од политичката сцена за време на летните горештини е само уште еден показател колку им е тежок животот и колку навистина им дошло до проблемите на граѓаните. Кои се вистинските причини поради кои Заев и Шекеринска решија проектот на нивниот поранешен гуру „работно лето“ да го променат во „неработно лето“ останува енигма, а ние можеме само да нагаѓаме што ги отера опозиционерите под дебела ладовина.
Недостигот од идеи и тактика за дејствување? Тоа не е нешто ново за раководството на опозицијата, таа рак-рана СДСМ ја има веќе осум години и никако да ја отстрани. Може да се смета како причина поради која Заев и Шекеринска решија да бојкотираат на плажа, но тоа би значело само купување време и одложување на политичката капитулација.
Да ги наполнат батериите? Па, батериите не им се испразнети ни до половина со оглед на ангажманот во текот на изминатата година.
Да го избегнат притисокот од дипломатите и од останатиот меѓународен фактор? Странците одамна не ги есапат за некаков сериозен фактор, тоа најдиректно го покажа и американскиот помошник-државен секретар, Викторија Нуланд, при посетата на земјава.
Можеби сакаат да ги избегнат притисоците однатре поради неоправданиот бојкот? Но, од тоа не се поштедени ни на одмор. Токму на „Фејсбук“ ги примаат најголемите удари од нивните некогашни блиски соработници кои сега јавно ги исмеваат и им фаќаат се поголем сеир за хаосот во партијата, но во исто време ги повикуваат и на одговорност.
Каква тактика подготвиле за враќање на власт и како ќе се справат со сите проблеми, пред сѐ во партијата, а потоа и во државата, останува да видиме, но како што се одвиваат работите, за нив е подобро да наполнат и резервни батерии.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


