| четврток, 6 декември 2018 |

Турците што живеат во странство денеска гласаат за претседател на земјата

турци
Турските државјани, кои живеат во странство, од денеска почнаа со гласање за претседателските избори во Турција, кои ќе се одржат на 10 август.

Околу 2,8 милиони Турци што живеат во странство, од кои една половина живеат во Германија, имаат право на глас на изборите, иако, според одредени пишувања во медиумите, само неколку стотина илјади се регистрирале за гласање.

Околу 1,4 милиони турски гласачи, кои живеат во Германија, до недела треба да ги заокружат своите гласачки ливчиња во едно од седумте избирачки места, кои се отворени од турските власти во Германија. Веднаш потоа гласачките ливчиња ќе бидат транспортирани со авион во Турција, каде што ќе се пребројуваат.

Ова е првпат турската дијаспора да може да гласа на избори од земјата во која живее. Досега Турците во странство гласаа на аеродромите или на граничните премини на матичната земја.

Олимпискиот стадион во Берлин е одреден за гласачко место на Турците кои живеат во овој град и неговата околина. Отворени се, исто така, гласачки места и во Минхен, Франкфурт, Дизелдорф и Хамбург.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган е фаворит на претседателските избори, на кои првпат шефот на државата се избира со директно гласање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top