
Во „Порта Македонија“ денеска беа промовирани нови изданија кои го надополнуваат и го надградуваат капителниот проект на Владата на Македонија и Министерството за култура „130 тома македонска книжевност“.
Денеска беа промовирани пет нови тома македонски и на англиски јазик како и 25 наслови на дела на албански и турски автори кои се дел од едицијата „130 тома македонска книжевност“ и кои сега се достапни и на македонски јазик.
– Овој зафат несомнено овозможува приближување и интегрирање на македонскиот културен и јазичен простор и е значителен чекор во меѓусебното проткајување на спецификите на современото творештво на сите заедници што живеат во Република Македонија – рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата.
Томот насловен како „Македонски литературни пројави“, приреден од академик Блаже Ристовски, содржи избрани дела од Ѓорѓија Пулевски, Марко Цепенков, Петар Поп Арсов, Војдан Чернодрински, Марко Григоров Брадин, Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков кои ја афирмираат македонската национална мисла и периодот кога нашите национални дејци ја прогласуваат идејата за македонска држава со македонски јазик, литература и култура.
Другите четири тома претставуваат избори од поетското творештво на четворица истакнати македонски автори: Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Раде Силјан и Бранко Цветкоски, кои заедно со Ефтим Клетников, Катица Ќулавкова, Милош Линдро, Вера Чејковска и неколкумина други поети, се носители на новите тенденции во македонската книжевност во седумдесетите години.
Вториот проект, преводот на македонски јазик на 25 книги на албански и турски автори, кои се родиле, живееле, твореле и денеска активно придонесуваат во збогатувањето на книжевниот мозаик на Република Македонија, овозможува македонската читателска публика посеопфатно да се запознае со спецификите и високите книжевни вредности на врвните автори, како што се Мурат Исаку, Луан Старова, Ресул Шабани, Адем Гајтани, Нехас Сопај, Халил Зендели, академик Али Алиу, Фахри Каја, Илхами Емин и многу други.
Промотори на изданијата беа писателие Илхами Емин и Џабир Ахмети кои се сложија дека со овој проект е направаен значаен пресек на една книжевност, а изданијата се најдобар начин за меѓусебно познавање.
– Ова е одличен начин да се ослободиме од предрасудите. Читателите ќе се уверат дека имаме повеќе сличности отколку разлики – рече Ахмети.
И премиерот на Македонија, Никола Груевски, се согласи дека со овој проект се збогатува културната ризница во нашата земја.
– На овој начин градиме мостови меѓу различните бариери. Јазиците се вистинско богатство – рече Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


