
Бобан Милошески, еден од двајцата сопственици на „Авалон продукција“ во следните 12 месеци се повлекува од агенцијата. Причина за овој потег е ненадејната смрт на неговиот брат Даниел, кој почина неодамна. Во следната година „Авалон продукција“ ќе ја водат вработените кои се вклучени во сите проекти кои ги организираше „Авалон“. Бобан Милошески најавува повлекување, но ветува дека се што е планирано од концерти ќе биде реализирани.
Тој преку профилот на фејсбук на „Авалон продукција“ се обрати до јаноста.
„Поминаа неколку дена и чувствувам дека имам морална обврска да соберам сила и барем нешто да кажам во врска со состојбата во која се наоѓам после она што ме погоди на 15 јули, а истовремено и да ги соопштам моите идни одлуки околу судбината на Авалон Продукција кои произлегоа од трагедијата која се случи. Во наредните 12 месеци се повлекувам безусловно и стопроцентно од каква било работа во „Авалон Продукција“. Единствено нешто со кое сакам да живеам во наредниов период е единственото она за кое и сум способен во моментов, а тоа е да жалам.
Ќе бидам искрен, каков што впрочем секогаш и сум бил. Сите мои размислувања изминативе денови одеа само во еден единствен правец, а тоа е итно и неотповикливо затварање на Авалон и тоа засекогаш. Сите „зошто“ и „како“ – понатаму ме водеа по тој пат, со колку-толку чист ум и уште почист разум. Но, иако во овој живот многу ретко сум го слушал срцето, дозволив овој пат тоа ме однесе сосема на другата страна од разумот.
Буквално половина час пред да бидете во можност ова да го прочитате дефинитивно одлучив – „Авалон“ продолжува понатаму!
За мојата ваква одлука постои една и само една и АМА баш една единствена причина, причина која не ми даде шанса за друг избор! „Авалон“ мора да продолжи да живее затоа што Данче ќе продолжи да живее преку „Авалон“! „Авалон“ќе продолжи да работи за да преку секој нов работен ден се слави животот на мојот брат, а не да остане она дека веќе него го нема. Сите оние што вистински ме познаваат знаат дека на овој свет не постои никој, ниту пак друга причина која можеше да ме натера на ова. Тие пак што мислат или пак уште полошо што се убедени дека има повеќе причини, не ме познаваат, и речиси сум сигурен нема никогаш да ме запознаат. Гаснењето на „Авалон“ ќе значеше постепено заборавање на сето она што Даниел во работата го остави позади себе. Одењето понатаму значи дека Даниел е сеуште тука со секој нов проект. Во наредниот период компанијата останува во сигурните раце на Мишко, Филип, Денис, Игор и Сагор. Сега целата игра зависи од нивните умни глави.
Битно е дека јас сум мирен со фактот што во работата ќе бидат запазени сите Авалонски норми и стандарди кои ние ги патентиравме со својата работа и кои Авалон го поставија на она место на кое денес е. Тука компромис никогаш немало, а сега понајмалку смее да има. Од нив очекувам да бидат уште порадикални. Сите проекти што беа планирани да се реализираат во периодот септември 2014/ септември 2015, а се веќе договорени и прецизирани ќе се реализираат, само некои од нив ќе бидат прераспоредени на други датуми и месеци од претходно планираното.
Бидете уверени и мирни, Балканот ќе има проклето добра Авалонска сезона!“, завршува во обраќањето до јавноста Бобан Милошески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


