Минатата седмица во Вашингтон, тројца политичари го прифатиле предизвикот под назив „Live the Wage“, во чии рамки една седмица живеат на минимална американска плата од 77 долари неделно.
Демократите Тим Рајан и Јан Шаковски во овој предизвик му се придружиле на поранешниот гувернер на Охајо, Тед Стрикленд, при што споменатиот износ морале да го развлечат на една седмица, вклучувајќи ги овде секојдневните трошоци за храна, но и киријата и режиските трошоци, пишува ABC.
Тим Рајан вели дека се одлучил на ова за да го сврти вниманието на проблемите со кои секојдневно се соочуваат работниците на минимална плата.
– Синоќа најдов остатоци на кикирики во канцеларијата, а каснав и малку овошје кое исто така беше останато таму. Вчера потрошив 7 долари на неколку конзерви сардина и ќесе крекери – вели Рајан.
И Јан Шаковски започнала со овој предизвик во четвртокот.
– Ова целосно ви ја менува перспективата. Дури и искуството со купувањето: обично составувам листа со сите работи што ми требаат, кои ги сакам. Многу ретко размислувам за тоа колку чинат. Обично одам по продавница, ќе видам нешто што мислам дека е добро и го купувам. Тоа го нема кога сте на ваков буџет. Не постои никаква спонтаност – вели таа.
Од друга страна, Стрикленд отишол во „Мекдоналдс“ за да го испроба нивното мени за еден долар. На крај објави фотографија од својот ручек за 2 долари и 20 центи и напиша: „Овде работниците заслужуваат покачување на платата“.
Неговиот предизвик е веќе на крај, но во написот со впечатоци признава дека не успеал да издржи до крај со 77 долари.
Она што најмногу го загрижило е неможноста со таква плата да се јаде здраво.
– Свежо овошје и зеленчук тешко е да се пронајде по цена која ќе одговара на таков буџет. Се свртев кон леб, путер од кикирики и банани. Тоа е се што можев да искомбинирам минатата седмица кога отидов во продавница. И затоа јадев во „Мекдоналдс“ – признава тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


