Познати се четири од осумте репрезентации кои ќе играат во четвртфиналето на Светското првенство за ракометарки до 18 години кое се одржува во Македонија. Селекциите на: Холандија, Германија, Русија и Црна Гора обезбедија пласман меѓу осумте најдобри на Мундијалот, по половина од одиграните натпревари од осминафиналната рунда.
На средбите одиграни во Охрид, Холандија минимално со 22:21 ја победи Унгарија, додека Русија беше подобра во дуелот со Шведска совладувајќи ја со 25:21.
Во Струмица дуелот меѓу Германија и Португалија беше решаван со удари од 7.мести. Откако регуларниот дел заврши без победник 28:28, а исто беше и по четирите продолженија од по пет минути кога на семафорот стоеше резултатот 36:36, се пристапи кон изведување на седмерци. Повеќе среќа, но и нерви имаа младите Германки кои на крајот се радуваа на победа со конечни 40:39.
Во вториот натпревар одигран во Струмица, репрезентацијат на Црна Гора убедливо со 31:22 ја совлада Аргентина.
До крајот на денот остануваат да се одиграат уште четири осминафинални натпревари и тоа: Норвешка – Бразил, Црна Гора – Аргентина, Јужна Кореа – Јапонија и Данска – Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


