
Охридски бисер, беровска убавина, галичка традиција, селска атракција – Македонија сè почесто станува цел на странските туристи. Туристичкиот производ на Македонија претставува богата комбинација од културно и природно наследство, што се карактеризира со пространи пејзажи од езера и од планински глетки, од кои многу поседуваат релативна оддалеченост и мир кој ретко може да се најде во 21 век. Бројот на странци што решаваат да ја посетат Македонија постојано расте. Периодот од мај до септември е ударен за тие што сакаат да ја посетат малата земја на Балканот. Државниот завод за статистика излезе со податок дека годинава во мај има рекорден број странски туристи што ја посетиле земјава – 50.693. Во просек, поминале повеќе од две ноќи во Македонија или поточно во мај се забележани 104.162 ноќевања.
– Бројот на туристи во мај 2014 година, во однос на мај 2013 година, е зголемен за 13,1 проценти, а бројот на ноќевања е зголемен за 12,5 проценти. Бројот на странски туристи е зголемен за 13 проценти, а бројот на ноќевања на странски туристи е зголемен за 14,3 проценти – велат од Државниот завод за статистика.
Според податоците на Заводот, во мај минатата година Македонија ја посетиле 44.851 турист. Во мај 2012 година таа бројка изнесувала 37.340. Во периодот од мај до септември бројот на странци што туристички ја посетиле земјата се движи од 41.783 до 49.123 туристи. Најголем број од туристите што ја посетиле Македонија во мај се Турци – 11.443, потоа Холанѓани 4.487, Грци и Срби – по повеќе од 3.000 туристи. Австрија, Бугарија, Велика Британија, Германија, Полска, Словенија, Хрватска, САД се дел од земјите од каде што во мај годинава ни дошле по повеќе од 1.000 туристи.
Интересен е податокот дека земјава ја посетиле повеќе од 2.000 туристи од жолтата раса. Жителите на Скопје постојано коментираат дека Азијци во групи од по 40-60 посетители се шетаат на плоштадот и во Старата скопска чаршија, а според Државниот завод за статистика во Македонија во мај туристички дошле 655 Корејци, 492 Кинези, 385 Јапонци и 740 туристи од други азиски земји. Се работи претежно за туристи на двонеделни регионални тури низ Балканот, почнувајќи од Софија или од Солун и најчесто се задржуваат во Македонија од два до четири дена. Тоа е знак дека Скопје и Македонија посигурно стапнуваат на светската туристичка мапа.
– Македонскиот туристички производ стана поконкурентен на светскиот пазар и се зголеми туристичкиот промет во државата. Владата, водејќи се од својата заложба за континуиран развој, унапредување и за афирмација на туризмот во државата, а имајќи ги предвид предностите и економската корист од развојот на оваа гранка, донесе Програма за развој на туризмот за 2014 година, која ќе даде сериозна поддршка и значителен придонес во развојот на туристичката дејност. Таа, пред сѐ, е наменета за ефикасна и конкретна поддршка на промотивните активности за туристичкиот развој на државата, поттикнување на инвестициите во туризмот, презентација на Македонија како поволна и интересна туристичка дестинација, анимација на странските туристи за остварување посети на земјата, развој на туристичките гранки, овозможување подобра и поефикасна туристичка понуда, како и директна финансиска поддршка за привлекување странски туристи преку субвенционирање на туристичките агенции кои носат странски туристи во земјава – вели Сара Трајковска од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Таа смета дека големо влијание врз развојот на туризмот има посетата на саемите. Годинава Агенцијата за туризам, заедно со претставници од туристичката фела од Македонија, учествувала на 11 интернационални саеми за туризам, а следни се саемите во Турција, Јапонија, Полска и во Лондон, преку кои македонскиот туристички продукт се доближува до потенцијалните туристи и се зголемува свесноста кај туристите за туристичките можности што ги нуди Македонија.
– Медиумската кампања на Агенцијата од 2013 година се продолжува и во 2014 година. Таа опфати рекламирање во печатени медиуми (весници и магазини), на портали и на билборди во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Косово, Албанија, а дел од средствата беа одвоени за Полска и за Шведска. Воедно се планира и кампања во Италија и во Франција. Се организираат ФАМ посети на Македонија за странски тур-оператори и за новинари, преку кои тие добиваат можност одблиску да ги запознаат убавините на Македонија, обичаите, традицијата, фолклорот и другиот туристички потенцијал. Преку подигање чартер-летови за Македонија ќе се овозможи зголемување на бројот на странски туристи, и со тоа ќе се зголеми и приходот по основа на туризмот. Вакви настапи се предвидени во Германија, Австрија, Италија, Полска и во Англија. Презентациите се предвидени во два периода, и тоа во мај-јуни и во август-октомври – вели Трајковска.
Повеќекратни ефекти од туризмот
Македонија во периодот од јануари до септември 2013 година има реализирани приливи по основа на патување (извоз) во висина од 200.789.761 евра. Во 2011 година тој прилив изнесувал 171.223.685 евра, а во 2012 е зголемен за 6,9 проценти и изнесува 183.145.536 евра. Извештаите за платниот биланс на Македонија остварен во рамките на услугата патувања се преземени од Дирекцијата за статистика при НБРМ.
Ефектите од туризмот се повеќекратни и се изразуваат, пред сѐ, во пораст на девизните приливи, подобрување на платниот биланс, креирање нови работни места и зголемување на инвестициите. Туризмот, секако, е привлечен и за странскиот капитал.
Охрид и Скопје на врвот
Македонија бележи драстичен пад на странски туристи во 2001 година кога во земјава се случуваше воениот конфликт. Тогаш земјата ја посетиле само 98.946 странци. Оттогаш бројот на странски туристи постепено расте, а за седум години е двојно зголемен – 202.357 туристи во 2006 година, наспроти речиси 400.000 туристи минатата година. Се зголемува бројот на туристи од Грција, од каде што во 2010 година дошле 26.843 гости, за наредната година да дојдат 45.509 туристи. Минатата година во туристичка посета на Македонија дошле 46.184 Грци. Двојно е зголемена посетата на Полјаците, а за четири години четирипати е поголем бројот на гости од Холандија и од Белгија. Главна дестинација им е Охрид.
Туристите од Холандија, Белгија и од Луксембург и годинава организирано летуваат на охридското крајбрежје. Од Агенцијата за развој на туризмот велат дека, според резервираните аранжмани преку холандскиот тур-оператор „Корендон“, бројот е зголемен за 50 проценти во однос на истиот период лани, додека кај ТУИ има зголемување на побарувачката за 25 проценти. Очекуваат Македонија да има успешна туристичката сезона во 2014 година. Сезоната на чартер-летови до охридскиот аеродром трае од мај до октомври, и тоа со авиокомпаниите: Ер Србија (Air Serbia), Арке флај (Arke Fly), Џетер флај (Jetair Fly), Хелветик (Helvetic) и Корондон (Corendon). Охрид е повеќе посетуван во лето, развивајќи го езерскиот и културниот туризам. Скопје е на второ место по посетеност, колку од туризмот толку и од бизнисот. Има тенденција да прерасне во најпосетувано туристичко место, не само поради проектот „Скопје 2014”, туку и затоа што се вложува многу во инфраструктурата, се градат сообраќајници, хотели од светски марки, ресторани со интернационална кујна. Во 2013 година Скопје го посетиле 149.027 туристи, што споредено со 2009 година е за 42.000 повеќе.

Алтернативниот туризам во подем
Планинскиот туризам во Македонија е во подем. Во 2012 година планинските места ги посетиле 13.733 туристи, а наредната година таа бројка пораснала на 16.130. Берово е интересна дестинација за странските туристи. Одмор на планина покрај езеро, евтини цени во беровските традиционални локали, интересна традиција на производство на сирење.
– Поголем дел од нашите гости се странци. Тие доаѓаат, главно, во овој период од годината – од мај до септември. Веќе за август сè ни е резервирано, главно од странски туристи. Доаѓаат од Белгија, Бугарија, Грција, Холандија, Австралија… – велат од „Аурора ресорт и спа“ во Берово, додавајќи дека годинава бројот на странци е зголемен во однос на минатата сезона.
Македонија има одлични услови за развој на селскиот туризам, пештерскиот туризам и на екотуризмот. Пределите како Вевчани, Брајчино, Коњско, Берово се само мал дел од местата каде што може да се развива селски туризам и екотуризам. Имаме можност да понудиме одлични предели за планински велосипедски туризам на Шар Планина, Маврово, Галичица, Водно. Пештерите Врело, Пешна, Убава, Шаркова Дупка, Алилица, Слатинска нудат можности за развој на спелеотуризмот или на рекреативниот туризам.
– Одамна сакам да однесам гости во галичкиот крај. Галичник е историја сам по себе. Интересни се и Гари и Лазарополе. Но, немав каде да ги однесам, немаше услови за сместување. Пријатно се изненадив кога видов дека во овие места се отвориле сместувачки капацитети кои нудат одлични услов за сместување за многу ниски цени – коментира 33-годишниот скопјанец Васко.
Агенцијата за туризам и УСАИД, преку проектот за експанзија на мали бизниси, потпишаа меморандум за соработка со цел развој на активниот туризам во Македонија, кој вклучува еко, културен, спортски, селски и вински туризам. Веќе почна да се реализираат новите проекти за поддршка на туризмот, отворање автокампови на шест локации во земјава, како и проекти за развој на планинарски и на велосипедски патеки.
Почнат е проект кој ќе овозможи доуредување на планинарските домови и оформување на 184 нови планински куќи кои ќе го поттикнат и развојот на алпинизмот, спелеолошкиот туризам и на параглајдерството, кое, пак, во соработка со УСАИД е доведено до фаза на спроведување во четири атрактивни региони во Републиката. Предвиден е и проект за создавање мрежа од планински велосипедски патеки. Македонија нуди посета на културно-историски споменици, на културни и традиционални манифестации, посета на рурални средини, главно бачила, посета на винарници и дегустација на македонско вино, активности во природа, како планинарење, параглајдерство, нуркање, кајак.
– Земјава има потенцијал за развој на вински туризам, може да се организираат вински тури со посета на винарници во тиквешкиот регион, дегустација на македонски вина и храна, но мора да се инвестира во сместувачки капацитети во самите винарници. Има потенцијал за развој на религиозен туризам за кој сме во комуникација со МПЦ и со епархиите за развој. Овој вид туризам нема да вклучува само неколкучасовна посета на манастирите и на црквите, туку ќе се овозможи и практикување и учествување во молитви и литургии со неколкудневна посета и преспивање во конаците – посочува Трајковска.
Почнат е и проект за развој на ловниот туризам, се евидентираат ловишта во земјава во соработка со Министерството за земјоделство. Направен е адресар на сите културно-туристички манифестации кои се случуваат во Македонија, изработена е база на сите винарски визби, а во тек е и проект за вмрежување на еко-етноселата во земјава.
– Од наредната година ќе почнат да се преземаат мерки и за реализација на проектот „Поврзување на населените места од значење за развој на руралниот туризам“ во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Министерство за земјоделство предлага реализација на базични инфраструктурни работи за да се влезе во поширока фаза на спроведување на проектот – велат од Агенцијата.
Снегот го урива зимскиот туризам
Кога станува збор за зимскиот туризам, тука е пресуден природниот феномен, без снег не може да се развива зимски туризам, мора да се предвидат факторите на ризик. Во земјава имаме три добри скијачки центри за активни и за професионални скијачи – Маврово, Попова Шапка и Кожуф – и уште три рекреативни – Пониква, Пелистер и Крушево, кои повеќе се за викенд-тури. Маврово и Кожуф се приватни, но мора да се стави акцент на инфраструктурата и на обновата на жичарниците.
– Веќе е обновена жичарницата на Пелистер, ЕЛЕМ ја работи Попова Шапка и се прави студија за овој центар да прерасне во атрактивна зимска туристичка дестинација. На Пониква и на Крушево преку јавните претпријатија се градат патеки за сноубординг. Мора да се зголемат и инвестициите во изградба на хотели. Исто како и Владата, и Агенцијата за туризам активно ги промовира не само туристичките капацитети, туку и туристичко-развојните зони, и ги покануваме сите заинтересирани инвеститори на посета на Македонија за поблиску да се запознаат со можностите што ги нудиме како туристичка дестинација – коментираат од Агенцијата.
Македонија како главна крстосница мора да ги задржи транзитните туристи барем на две ноќевања, мора да се изградат хотели, автокампови, ресторани и да се зголеми туристичката понуда на меѓународните трансферзали Е-75 и Е-65.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 98. број на неделникот „Република“, 18.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


