Американскиот конгресмен Мајкл Тарнер во обраќање пред Конгресот повика на целосно ангажирање на американските дипломатски капацитети за да се издејствува решавање на спорот за името меѓу Грција и Македонија.
Тарнер, конгресмен од Охајо кој е член на групата за пријателство со Македонија и е активен глас во надворешната политика на САД, изјавата ја даде во рамките на коментар посветен на американскиот одговор на кризата во Украина.
– Мораме да им дадеме дополнителни гаранции на нашите европски сојузници дека САД остануваат цврсти во нашата посветеност на безбедноста. Исто така, мораме силно да извршиме притисок за проширување на НАТО. Конкретно, САД мора да го поддржи приемот на Црна Гора во НАТО и да изврши целосен дипломатски ангажман за разрешување на спорот меѓу Македонија и Грција, да побараме решавање на прашањето со Уставот на Босна и Херцеговина, и да ги охрабриме перспективите за членство на Грузија преку процесот МАП – изјави конгресменот Тарнер.
Според него, САД и европските земји мора да се определат за зацврстување на НАТО, и на тој начин „да се сузбие руската агресија и обидите за дестабилизирање на регионот“.
Тарнер повикува на крај на повлекувањето на американските сили од Европа и на промовирање на коридори за снабдување на Европа со природен гас од Азербејџан, како алтернатива на руското снабдување со гас. Еден од овие коридори, кои го посочи конгресменот Тарнер, е гасоводот ТАП или Јужниот коридор, кој треба да пренесува гас преку Грузија, Турција, Грција и Албанија до Италија, со можност за поврзување и на други балкански држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



