
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, првиот човек на СВР Скопје Горанчо Савовски и градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митревски, денеска во истоимената општина го промовираа проектот „Соседска патрола“, кој како превентивна активност, има за цел зголемување на сигурноста и безбедноста на граѓаните во нивните населени места.
Проектот „Соседска патрола“ ќе се реализира на тој начин што ќе се организираат патроли во кои би се вклучиле заинтересирани граѓани, кои, пак, заедно со полицијата во нивните населби, маала, соседства, би можеле заеднички да патролираат и да ги посетат локациите на кои се случуваат зачестени кривични дела и прекршоци од областа на јавниот ред и мир.
Според планот конкретно за подрачјето на Полициска станица (ПС) Ѓорче Петров, за почеток е предвидено да се реализираат четири патроли (соседска полиција) во тековниот месец, односно една патрола неделно. Соседските патроли ќе ги сочинуваат жители на Ѓорче Петров претставници од месните заедници, директори на основните училишта и градинки, родители, односно сите оние граѓани кои ќе пројават интерес за овие активности.
Предвидено е најчесто да се патролира во покритичните места, на пример Реонски парк „Ѓ.Петров“ – каде што има собирање на млади во доцните часови и каде што најчесто се нарушува јавниот ред и мир. Потоа населба „Јурија“ – социјални згради во близина на болницата „Св.Лазар“ за дел за кој што има чести поплаки за нарушувања на јавниот ред и мир, како и село Волково, населбата Хром (делот кај кружниот ток) каде што се евидентирани нарушувања на јавниот ред и мир од страна на млади лица со мотори и конзумирање на алкохол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


