Македонската кошаркарска репрезентација со победа од 73-63 против Полска ги почна натпреварите на турнирот „Трофеј Македонија“, вечерва во салата „Борис Трајковски во Скопје.
Финишот на мечот од првото коло беше мошне возбудлив, а избраниците на Александар Џикиќ успеаја да стасаат до четврти триумф во низа, откако ги предводи српскиот стратег.
Бојан Трајковски кој постигна 21 поен и беше најефикасен на натпреварот, со 5 поени во серијата од 8-0 во финишот најави сигурна победа на нашата репрезентација, која на 4 минути до крајот имаше предност од 68-54.
Полјаците возвратија со серија од 11-0, за три поени негатива, но домашните кошаркари не дозволија комплетен пресврт.
Војдан Стојановски ги разреши сите дилеми со два поени под кошот на 57 секунди до крајот. Противниците промашија напад, што ги откажа од намерата да направат пресврт. Трајковски со нови поени, за вкупно 21 на своето конто ја завери победата од 10 поени разлика.
Трајковски беше уверливо најдобар стрелец на мечот, пред браќата Стојановски, кои заедно искомбинираа 23 поени, а Соколов постигна 10 поени, колку и Цел, најефикасниот кошаркар кај Полјаците. Македонија нема пораз на четири натпревари, откако Џикиќ го презеде кормилото на нашата репрезентација.
Во премиерниот дуел на турнирот Италија ја победи Црна Гора со 86-84.
Утре Македонија од 20 часот ќе игра со „аѕурите“, задутре против Црна Гора во истиот термин. Турнирот се игра како загревање за августовските квалификации за пласман на ЕП 2015, а нашата репрезентација ќе се обиде во конкуренција на Белгија, Данска и Белорусија да се избори за трет последователен настап на европските шампионати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.