| четврток, 6 декември 2018 |

Повредените во фабриката во Сопиште сѐ уште во животна опасност

Трите тешкоповредени лица во вчерашната несреќа во фабриката за пиротехнички средства во Сопиште сѐ уште се во критична состојба, информираше министерот за здравство, Никола Тодоров.

fibraka-kisela-voda-2

– Сите тројца пациенти сѐ уште се во животозагрозувачка состојба на респиратор и ја примаат неопходната терапија за ваков вид случаи како што се инфузии, хидрирање, обезбедување доволно течност што е основно за да се одржат во живот – изјави денеска Тодоров.

Двајцата пациенти кои синоќа се донесени во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ се со многу тешки и длабоки изгореници од трет степен и се во критична состојба. Со изгореници е зафатена голема површина од телото и дишните патишта поради што веднаш се ставени и дишат на респиратор. Лекарите прават максимални напори за одржување на нивните витални функции.

Жената што е однесена на КАРИЛ е во многу тешка здравствена состојба со изгореници од четврти степен. Се врши постојан надзор на здравствената состојба на пациентката и се прават напори за одржување на виталните функции зашто е зафатена голема површина на телата, вклучувајќи ги и дишните патишта и други внатрешни органи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top