
Ацо Станковски
Тргнувајќи од гностичката мудрост за цикличното трансформирање на состојбите во нас самите, но и во светот, полезно е да се истакне, пред сè, во име на вистината дека на глобален план влегуваме во едно згуснато и интензивно премрежје, при кое целото човештво во помала или, пак, во поголема мера е вовлечено во голем немир, кој со деновите, неделите и месеците што врват станува сè поголем и позаканувачки, и покрај историските искуства, кои даваат многу флагрантни примери со фатален епилог. За нас, современиците, овие поучни историски искуства повеќе изгледаат како завршени стории, преземени од книжевното наследство на мноштвото генијални творци, но за секој повнимателен аналитичар на политичко-историските афери, сите овие историски референци делуваат како реверзибилни вистини, состојби, кои иако еднаш биле апсолвирани, имаат силен потенцијал за нови подобни активности, за повторно дејствување во идентичен или, барем, сличен правец на оној, автентичниот, кој ако, пак, добро се проучи, ќе видиме дека е, всушност, само едно од многуте пресликувања на, во суштина, истото собитие, кое периодично се појавува на историската сцена. И тогаш сфаќаме дека и како индивидуи, но и како мноштво, или ако сакате – човештво, сме ставени во еден морничав, маѓепсан круг, во еден циклус на причинско-последични акции и реакции, кои се одвиваат пред нашите очи како неконтролибилна стихија, како судбина, од која е просто неможно да се избега.
Така е секогаш, за жал, кога доаѓа оној дел од процесот, кога резултатите на една проекција излегуваат со целата своја фаталност и непромисленост пред нашиот егзистенционален и емотивен простор. Тоа е, секако, резултат од непочитувањето на правилата на играта во името на стекнувањето или одржувањето на моќта и доминацијата по секоја цена. Денес, за жал, полека, но сигурно влегуваме во една нова поларизираност на светски план. Имено, старата моќ на единствената суперсила – САД од блиското минато, е сериозно доведена во прашање од моќите на Русија, Кина и мноштвото држави од третиот свет, кои сè посилно се групираат околу нив. Ова за САД, кои доминираа беспоговорно со светската политика последниве дваесетина, триесетина години, по уривањето на комунизмот, е стравотен предизвик и се појавува токму во времиња, кога нештата тргнаа во сосема непожелен правец во однос на волјата на управувачките елити на последната суперсила во фаза на пропаѓање. Оваа дисолуција на американската доминација е дотолку пострашна, доколку сеќавањата на ужасот од уривањето на комунистичкиот систем во Евроазија се сè уште свежи. А ова мачно сеќавање од блиското историско минато на светот предизвикува застрашувачки и неподносливи визии за еден ужасен општествен хаос, кој може да го погоди западниот свет, а посебно неговиот предводник САД и да предизвика непоимлив хаос и пропаст на системот, кој едвај се одржува, а таа гигантска општествена хаварија да ја разнесе нејзината моќ во парам парче и да ја деградира до маргинални нивоа хегемонистичката држава, сведувајќи ја на една сосема неважна и ирелевантна бивша империја, која веќе не е во позиција да ја диктира политиката на светот, туку да биде еден обичен лакеј на новите господари на моќта.
Ова, мудрите проучувачи на Талмудот би го сублимирале во кратката сентенца – „Да имаш, па да немаш“.
Ваквата позиција е морничава и неприфатлива за фанатичните борци за статус-кво. Во таа борба, предводена од тајните служби, аналогно на влогот, дозволени се сите средства. Така било, така е и така ќе биде. Затоа не треба да бидеме констернирани од екстремната нечовечност на постапките, што овие тајни служби се во состојба да ги направат за да ја сочуваат магнитудата на поседуваната моќ. Војните што беснеат на Блискиот Исток, сомнителните теледиригирани револуции, што создаваат невиден хаос, во до вчера навидум стабилните општества, војните во Украина, Сирија, Авганистан, Ирак и Палестина жестоко сведочат за една глобална нестабилност, која лесно може да прејде во нова светска војна.
Кон тоа се долеваат чудни провокативни и брутални акции, кои само ја засилуваат оваа бестијална ескалација на конфликтноста на целата светска геополитичка сцена.
Дел од овие морбидни сценарија е и најновата ужасна трагедија со малезискиот „боинг 777“, која однесе на оној свет 298 невини животи. Индикативен, во целата прикаска е и фактот, што ова е втора мистериозна авионска несреќа на малезиската авиокомпанија за релативно кратко време. Кој стои зад овие несреќи и дали во заднината се крие истиот инспиратор и извршител, или се работи за две различни групации од интерес? Според френетичните пропагандистички акции на западните медиуми, кои однапред посочија кон виновникот, недвојбено се буди сомнеж за конспирација. Слично како и со кулите-близначки во Њујорк, така и сега гледаме безброј пропусти и фриволности во недоволно прецизно организираната саботажа на злосторниците. Ова е секогаш така, од проста причина, што нема совршено злосторство, зошто порано или подоцна симулакрумот ќе почне да пропаѓа и на виделина ќе излезат сите некомпатибилности помеѓу претставата и материјалната аргументација, што ќе произлезе од една темелна и професионална истрага на некорумпираните и неуценетите експерти.
Всушност, судбината на илузорната и искреираната реалност од страна на злосторниците, колку и да се интелигентни и добро организирани, па и моќни, е таа да пропадне, а причината се состои во ноторната вистина, што ниеден артифициелен зафат на фабрикување докази не може да се соочи со онтолошката сила на автентичната стварност, нејзината комплексна суптилност и секогаш непредвидливата дирекција на фатумот. Може ова да го наречете и Божја волја, а ако, пак, ваквиот тип на определба ви е премногу конзервативен, тогаш влезете во едно длабоко проучување на историјата за да видите колку лесно се раскринкани најтемелно подготвуваните конспиративни сценарија од страна на етичните и вистинољубивите истражувачи. Но, вљубениците во моќта постојано ја прават истата грешка, без усул, срам и перде.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


