| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба за Скопје од ’63-та

muzej-na-grad-skopje

Изложбата „Скопје ’63 – филмска хроника на едно време“ подготвена по повод 50 години од премиерата на документарниот филм „Скопје ’63“ во режија на Вељко Булајиќ ќе биде отворена в сабота, во 20,30 часот во Музејот на Град Скопје.

Изложбата содржи историски податоци за времето на настанувањето на филмот проткаени во скопската приказна за летото 1963 г., проследени со избран фотографски материјал што го прикажува снимањето на филмот, како и селектирани кадри од него, низ хронолошки ред на настаните – од градот во урнатини до враќањето на животот во него.

Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со наградите што филмот ги добил на престижните меѓународни филмски фестивали. Ретки експонати од фондот на музејот ќе бидат сместени во неколку витрини. Во соработка со Кинотеката на Македонија, изложбата ќе биде збогатена со вредни материјали.

Во 21 часот ќе биде прикажан и документарниот филм „Скопје ’63“.
Изложбата ќе ја отвори градоначалникот Коце Трајановски, а ќе присуствува и режисерот Булајиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top