Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, при денешната посета на Ресен констатира дека штетите направени од невремето што го зафати овој регион се големи и Владата ќе настојува да помогне.
Со временските непогоди, рече, не можеме да се справиме, но затоа мораме да се приспособиме кон климатските промени.
– Владата нуди големи поволности во делот на аграрот. Вие, како овоштари, треба да размислувате преку цела година, а не само кога ќе се случат вакви непогоди, кога јаболкото тешко ќе се продава. Ние стоиме на располагање да се разговара за секој проблем и да најдеме решение. Нудиме субвенции за осигурување на родот. Тука се средствата на ИПАРД, големи средства кои пропаѓаат ако не се искористат – истакна Цветков.
Тој смета дека мора да се размислува и за менување на сортиментот, поточно да се засадуваат јаболка што ги бара пазарот.
– Едно е сигурно, Преспа ќе живее од јаболкото. Ние сме тука да помогнеме, а тоа ќе го сториме заедно со вас јаболкарите. Она што го видов денеска е навистина катастрофа, а тоа треба да нѐ освести. Полека треба да стануваме вистински фармери посебно ако тоа ни е единствена егзистенција – додаде Цветков.
По посетите на погодените овоштарници, министерот Цветков одржа состанок и со производителите на јаболко за поблиску да се запознае со нивните проблеми и да понуди решенија, во рамки на владините надлежности.
По невремето што уништи поголем дел од јаболковиот род, преспанските овоштари изразуваат надеж дека барем дел од штетата ќе биде надоместена.
Редици од јаболкари чекаат да ги пријават штетите кај комисиите што ги формира локалната самоуправа. Во таа насока кризниот штаб на локалната самоуправа ги презеде сите мерки за проценките да бидат што пореални.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.