Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, вчера го посети Ресен веднаш по невремето кое го зафати овој град. Костадиновски заедно со градоначалникот Ѓоко Стрезовски ги скенираа последиците од невремето, а погодените подрачја утре се очекува да ги посети и министерот Михаил Цветков.
Град со големина на орев и јајце вчера околу 15 часот го погоди Ресен. Според првичните оценки, настрадаа околу 3.000 хектари овошни насади, каде рдодот е уништен од 30 до 100 насто.
Ова невреме уште еднаш го отвори прашањето за осигурување на јаболковите насади, поточно поволностите што ги нуди Владата, а не се користат доволно. Заменик министерот, Ванчо Костадиновски, при вчерашната посета на погодените реони, посочи дека Владата ќе ги разгледа можностите да им се помогне на оштетените овоштари.
– Како заменик министер дојдов тука да ја согледаме состојбата. Мoже да се види дека градот ги уништил посевите, родот што е на садниците и младите садници. Огромна е штетата. Заклучивме дека треба да се реагира со детална и темелна анализа за висината на штетата што е направена. Треба да се формира комисија од стручни лица коишто ќе излезат на терен и кои детално треба да ја утврдат висината на штетата, нагласи заменик министерот за земјоделие, Ванчо Костадиновски.
-Според првичните информации, околу 70 проценти од овошните насади засадени со јаболка се уништени, изјави раководителот на Подрачната единица за земјоделие, Сашо Андреевски.
Град кој не се памети во последните 60 години, освен родот, ги оштети и овошките кои ќе имаат последици и во наредниот период.
-Овогодишниот јаболков род во голема мера, речиси целосно е уништен, рече градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.
По увидoт, Костадиновски и Стрезовски сретнаа со земјоделците чии површини беа зафатени од невремето.
Со цел да им се помогне на оштетените земјоделци, градоначалникот на општина Ресен формираше пет комисии за проценка на штета, чие задолжение ќе биде во најкус можен рок да извршат посета кај оштетените земјоделци и да констатираат за колкави штети станува збор.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и градоначалникот Стрезовски утре ќе ги посетат сите места кои беа зафатени од невремето, а потоа во општината ќе одржат средба со земјоделците, со цел да им се излезе во пресрет и да се изнајдат соодветни мерки за заштита од вакви непогоди во иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.