Дел од вредните археолошки предмети пронајдени во охридскиот регион на 24-ти јули ќе бидат изложени во Државниот музеј на Германија во рамките на изложбата што ќе се одржи кон крајот на овој или почетокот на идниот месец.
Поставката „Златните лица на македонските кралеви – Македонците и Келтите од охридскиот регион“ до ноември ќе го преставува македонското историско богатство, културата и традицијата во „Келтен ромер музеум“ во Манхинг, Германија.
– Ќе бидат изложени дел од златните предмети меѓу кои и златната маска, но и други археолошки пронајдоци од различни периоди, вели директорката на Заводот и музеј од Охрид Тања Паскали – Бунташеска.
На плакатот преку кој германскиот музеј ја рекламира изложбата, се ставени фотографии од златната маска, ракавицата и прстенот пронајдени кај Горна Порта.
Освен пронајдените предмети кои се дел од колекцијата на охридскиот Завод и музеј, во Германија ќе бидат изложени археолошки предмети од Музејот во Неготино, како и од Археолошкиот музеј на Македонија. Вредните артефакти ќе бидат целосно осигурани, а организаторите ќе ги преземат највисоките безбедносни мерки за нивниот транспорт и повеќемесечниот престој во германскиот музеј.
Изложбата ја организира Археолошкиот музеј на Македонија во соработка со институциите од Охрид и од Неготино, со Приморскиот универзитет од Словенија, Лошињскиот музеј од Хрватска и со „Келтен ромер музеум“. Проектот го финансира Европската унија.
Ова не е првпат охридски вредни предмети да патуваат на меѓународна изложба. Во 2011 година, Златната маска што беше пронајдена кај Горна Порта во стариот дел на Охрид, заедно со други археолошки предмети и вредни икони беше претставена во Утрехт, Холандија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.