| четврток, 6 декември 2018 |

Ахмети побарал од Нуланд поголемо ангажирање на Вашингтон во спорот за името

VIKTORIJA-NULAND-SO-GRUEVSKI-8

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, синоќа во просториите на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје се сретна со помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд и со американскиот амбасадор, Пол Волерс.

Како што информираат од партијата, Нуланд и Ахмети разговарале околу политичките случувања во земјата и регионот, како и евроатланската интеграција на Македонија.

– Претседателот Ахмети и се заблагодари на г-ѓа Нуланд за посетата и зборуваше за важноста што ДУИ и ја посветува на стратешката ориентација на Македонија во однос на непосредно вклучување во НАТО и Европската унија. Претседателот Ахмети истакна дека времето за Македонија да влезе во НАТО и да ги започне преговорите со Европската унија е сега. Затоа побара поголемо и директно ангажирање на Вашингтон за да се олесни постигнувањето на компромис со јужниот сосед, Грција, бидејќи страните се блиску до решение и пронаоѓање компромис, но потребно е меѓународно посредување за да седат на заедничка маса, соопшти ДУИ.

Зачленувањето на Македонија во НАТО, посочил Ахмети, е од интерес не само на земјата и сојузниците, туку на целиот регион и што порано да се случи ова, толку побрзо ќе се релаксираат меѓуетничките и меѓусоседските односи, како и ќе се отвораат нови економски перспективи за регионот.

Тој нагласил дека ДУИ останува целосно посветена да го продолжи блиското партнерство со Соединетите Американски Држави, кон постигнување на заедничката цел која обезбедува мир, стабилност и безбедност.

Помошник државниот секретар Нуланд, истакнуваат од ДУИ, ја нагласи поддршката на Соединетите Американски Држави за евроатлантската иднина на Македонија и регионот, исто така ја нагласи подготвеноста на официјален Вашингтон да се помогне кон реализацијата на овој процес.

На состанокот, лидерот на ДУИ го покренал и прашањето на случајот „Монструм“ при што го нагласил барањето на ДУИ за мониторинг од САД, како и целосна транспарентност на процесот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top