
Колумнист: Горан Момироски
Првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, неделава објави невообичеан став за човек што се смета дека е за обединување и е настроен кон целосна интеграција на ЕУ. Во својот говор на конференцијата „Нов пакт за Европа“ тој потврди дека Брисел сериозно размислува за „Европа со две брзини“. Говорејќи за иднината на Унијата по неуспешниот британски обид за блокада на Жан Клод Јункер за шеф на Европската комисија, Ромпуј призна дека Европа има сериозни проблеми со начинот на кој се перцепира и затоа се потребни нови механизми и решенија.
– Со децении Европа беше позната по својата отвореност, сега се перцепира како недобредојден напаст – кажа Ромпуј во својот говор и повика на урамнотежување на ситуацијата, пред сѐ, во поглед на забелешките што доаѓаат од Лондон од каде што се најавува референдум за повлекување на Британија од ЕУ најдоцна до 2017 година.
– Се чини дека луѓето ја гледаат Европа како причина што се чувствуваат немоќни и без влијание, иако Унијата беше создадена за да ги направи посилни. ЕУ, која беше создадена како отворена и ослободувачка, сега се доживува како институција што диктира и наложува – изјави Ромпуј.
Повикувајќи на единство и на поблиска соработка во поглед на социјалното вклучување и на излегување од еврокризата, Ромпуј го најави тоа што претходно со години беше дебатирано на разни форуми, а беше наведено и во заклучоците на последната седница на Европскиот совет на која лидерите на членките се согласија дека ЕУ дозволува различни концепти на интеграција за различни земји. Ромпуј со тоа како прв човек на ЕУ им се придржи на Ангела Меркел и на Николас Саркози, кои како национални лидери говореа за истиот принцип „Двобрзинска Европа“ мислејќи, пред сѐ, на земјите што се дел од еврозоната или се надвор од неа.
Што е добро а што лошо во Европа со две брзини
Против
Противниците на раслојувањето тврдат дека Европа со повеќе различни брзини ќе го засили процесот на дезинтеграција на Унијата. Со тоа би се создале мали и големи земји, силни и слаби, би се формирале ривалски блокови, а оставањето на Југоисточна Европа надвор од еврозоната на долг рок би имало негативни влијанија на извозот на стара Европа. Во исто време, Европа со две брзини на Берлин и на Париз би им дале огромна моќ да поставуваат правила на игра, при што другите земји би биле маргинализирани. Донесувањето одлуки би било прекомпликувано, особено ако се знае дека и сега, со една структура на ЕУ, има огромен проблем да се решава, пред сѐ, за монетарната политика. Создавање нови мини-групи земји ќе ги продлабочи сите проблеми што беа надминати со единствената европска политика.
За
Поборниците за двобрзинска Европа сметаат дека земјите што имаат послаб развој или желба за интеграција не смеат да ги запираат другите. Некои се убедени дека без запирањето од Лондон, Франција и Германија ќе можеа да создадат многу посилна Унија уште пред една декада. Тие што ќе останат надвор од единствената европска држава ќе можат да бидат поврзани со единствениот европски пазар, кој ќе биде отворен за сите. Друг аргумент е фактот што мултибрзинска Европа веќе функционира во дел од европолитиката. Десет земји-членки се надвор од еврозоната и добро функционираат во ЕУ. Практично, дел од поборниците бараат да се почитува реалноста, која вели дека и сега има различни брзини во функционирањето на ЕУ. Од еднан страна, не можете да ги ставите сите нации на ЕУ под иста капа како во случајот со Германија и со Грција, кои имаат економии со различни карактеристики, а, од друга страна, на сите земји што имаат различни визии ќе им се даде шанса да ги спроведат визиите во согласност со националните интереси. Со тоа ќе се заштеди и време и енергија, која досега беше трошена на, понекогаш, и ирационални работи, сметаат дел од тие што се залагаат за „Европа со две брзини“.
Кој може да биде дел од групата земји со втора брзина?
Во групата земји што се подготвени да одат со поголема брзина кон федерална Европа се членките на еврозоната. Австрија, Белгија, Кипар, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Ирска, Италија, Летонија, Луксембург, Малта, Холандија, Португалија, Словачка, Словенија и Шпанија се земјите што поради единствената европска валута, еврото, се тие што ќе мораат да одат со поголема брзина кон целосна интеграција. За разлика од нив, во втората група, која би имала помала институционална врска со Брисел, покрај Британија, се Данска, Полска, Шведска, Бугарија, Хрватска, Романија, Литванија, Чешка и Унгарија. Колку од нив, навистина, ќе останат во оваа група, зависи од тоа дали до 2020 година нема да станат дел од еврозоната. Според одредени најави од Брисел, за шест години само пет земји би останале надвор од еврозоната: Полска, Британија, Данска, Шведска и Бугарија и со тоа тие би ризикувале да останат надвор од конфедеративната единствена европска држава. Во тој случај, најголема веројатност е дека тогаш би се здружиле со земји што не се членки на ЕУ од групата „европска економска област“, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, како и со Монако, Сан Марино, Ватикан, Андора, кои имаат договор со ЕУ за користење на еврото, но и Косово и Црна Гора, кои унилатерално го прифатија еврото како национална валута. Дел од аналитичарите сметаат дека во таканаречената двослојна ЕУ заедно со Британија и со наведените земји би можеле да се најде и Македонија. Практично, тоа во најдоброто сценарио за нас би значело дека Македонија заедно со другите членки што не се дел од еврозоната би ги имала сите придобивки во смисла на слободен пазар, бесцарински трговски односи, безвизен режим и други поволности, но не би била дел од институциите што во иднина би биле многу поцентрализирани. Дали воопшто Македонија може да биде дел од вториот слој или, пак, покрај првите два би постоел и трет дел од Унијата во кој би се нашле сегашните земји-кандидати, Црна Гора, Албанија, Србија, Турција, како и Молдавија, Украина и Грузија, не може да се предвиди. И покрај успехот на евроскептиците на последните избори за Европарламентот, со оглед на силата на двете најголеми групи во ЕП, „народните“ и социјалдемократите, оваа варијанта нема да биде можна пред 2019 година, кога ќе се случат наредните национални избори за Европарламентот. Евентуалниот успешен референдум за излез на Велика Британија од ЕУ и за отцепување на Шкотска од Лондон, би можело драматично да го забрза процесот на раслојување на Унијата, но, сепак, тешко е да се предвиди дали воопшто во наредниве 10 години ЕУ ќе се соочи со вакви сценарија од тектонски карактер.
За Европа со повеќе брзини, поконкретно, во европската јавност говореле германските демохристијани Волфганг Шојбле и Калр Ламерс, кои во својот документ наречен „Кернереуропа“ говорат за идејата на „основна“ или „кор“ Европа, која би имала центрипетален ефект и магнетски би ги привлекувала другите европски држави. Првично, оваа идеја ја промовирале двајца советници на германскиот канцелар Хелмут Кол уште во 1989 година, кога зборувале за „европски концентрични кругови“ изградени околу една федерална творба составена од шесте први членки на Унијата, кои имаат исти идеи за тоа како треба да изгледа организацијата на ЕУ. Во 1994 година, по крајот на Студената војна, идејата за Европа од олимписки кругови е трансформирана во Европа на концентрични кругови, но суштината е слична, со оглед на различните интереси и визии на земјите-членки, треба да има различни начини на поврзување во неа. Многумина во Брисел сметаат дека со оглед на тоа што покрај ЕУ како творба со 28 членки постојат и еврозоната и шенгенската зона, каде што членки се различни држави, таа веќе функционира како мултислојна институција.
(објавено во 96. број на неделникот „Република“, 4.07.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



