Една од најголемите ѕвезди во екипата на Вардар, Тимур Дибиров, кој беше избран во најдобриот состав на Лигата на шампионите во сезоната што заврши, пред почетокот на новата сезона смета дека „црвено-црните“ се способни да триумфираат во сите натпреварувања каде што ќе играат. Сега екипата има поддобар резервен состав, покомпактна е и добро е што ќе има силни противници зашто така ќе го докаже сопствениот квалитет.
Кои треба да бидат силните страни на Вардар во новата сезона и како ќе биде посилен од минатата сезона?
– Сигурен сум дека силна страна на Вардар оваа сезона ќе биде подолгата клупа, но и фактот што тренерот Раул Гонзалез ќе има време убаво да ја подготви екипата пред почетокот на сезоната. Во сезоната која помина тој го презема Вардар на средина од сезоната и така е многу потешко, кога немате соодветно подготовка и треба во трк да ја земете екипата.
Кој е твојот коментар за новите засилувања, што треба да добие Вардар од нив?
– За новите засилувања не треба многу да се зборува, тоа се квалитетни играчи кои знаат како се игра на високо ниво. Со нив Вардар добива на целина, сега сме комплетни на сите позиции и имаме екипа за сите турнири.
Како ти изгледа групата во Лигата на шампионите во која ќе игра Вардар, какви се шансите?
– Групата е многу силна, но мене ми се допаѓа, затоа што ако сакате да бидете голема екипа, треба да победите големи екипи, а не само оние со помал квалитет. Мило ми е што ќе се надигруваме со врвни тимови.
Ќе биде ли тешко да се одбрани титулата во СЕХА со Веспрем како нов учесник?
– Во СЕХА ќе биде тешко, не само затоа што сега ќе игра и Веспрем, туку затоа што сме бранители на титулата. Секој учесник во СЕХА прави добри трансфери, ја засилува својата екипа и затоа оваа лига е посилна секоја година.
Минатата сезона за тебе почна феноменално, во вториот дел имаше и несреќна повреда и формата малку падна. Како се чувствува сега Дибиров, подготвен за уште еден експлозивен почеток на сезоната?
– Да знам и многу ми е криво што имав повреда токму во тој период, во нокаут фазата, но одиграв колку што можам и го оставив срцето на терен. Сега, додека трае одморот малку анализирав и навистина, знам дека не бев подготвен и физички и морално, играв пола натпревар добро пола лошо. Еден професионалец треба да игра на највисоко ниво постојано, а јас не можев тоа да го пружам последниот месец и пол. Знам дека следната сезона ќе биде уште подобра за мене, само да не ми фрлат паричка или запалка врз глава и ќе биде добро (хахаха). Подготвен сум за успешна сезона која ќе влезе во историјата на Вардар.
Во домашното првенство загубивте од Металург. Какво е чувството да се игра такво дерби?
– Воопшто не гледам назад, очите ми се свртени само напред. Спортот е таков, треба да се оди напред секој ден, без разлика дали сте победиле или сте загубиле. Знам дека ние имаме сила да ги освоиме сите натпреварувања во кои учествуваме, затоа што заедно со целото семејство на Вардар сѐ е можно.
извор: РК Вардар
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


