Едно звучно режисерско име еднаш има речено дека се ближи времето кога човештвото ќе се искачи скалило погоре во својот бавен прогрес низ времето. Секој човек ќе биде поет, писател, режисер, композитор и дека нема да има потреба да оди во кино, да чита книги, да слуша музика или да везе гоблени. Самиот ќе си снима филмови за еднократна употреба, ќе компонира оди на радоста за појадок и ќе пишува сонетни венци во од.
Односно, сето задоволство што го добива од уметноста како консуматор, ќе може самиот себеси да си го „даде“, по пат на себереализација. Ако во денешно време од вкупно 6 милијарди население, на секои, да речеме 1000 жители има по еден генетски предодреден уметник, визијата на Линч подразбира во еволутивниот скок на човечката раса да се случи таква трансформација, што уметноста повеќе не ќе мора да се вреднува во проценти, во осети, во чувства, во надареност со посебни рецептори за естетика. Тоа ќе се прави преку генетски модифицирана просветленост, или барем наелектризираност, што подразбира дека во продавниците, во фирмите, во возовите, на стадионите, на ТВ-екраните, ќе работат Пикасо, Да Винчи, Белучи, Моцарт, Тесла, Абрамовиќ (Марина, да не се разбереме погешно), Гејтс, а Ѓоковиќ и Меси ќе бидат нешто како куќни помошнички.
И онака фудбалот денес е најмоќната религија на светот. Стадионите се преполни храмови во кои никој не ве тера да верувате заради компензација на стравот. Туку од чиста љубов кон играта со фамозната топка. А и кога се обложувате, многу се поголеми можностите за екстра-добивка без оглед дали му верувате на својот идол.
Дејвид Линч вели дека идеите се како еден голем мозаик во другата соба. И дека до нас доаѓа едно камче од мозаикот. Потоа треба самите да ја составиме целината. Со помош на камчето што ни паднало како подарок.
И дека идејата никогаш не доаѓа одеднаш цела, туку парче по парче. Оној што имал среќа да не го фати дремка, лесно ќе го препознае малиот фрагмент.
Да речеме, една мисла. Ни се открива преку некоја прекрасна книга. И тука повторно важи истото правило за совршената космичка рамнотежа – го добиваш она што го даваш. Важи во љубовта, во судбината, во животот.
Сè што треба да направи човек е да се ослободи од непотребните стравови, емотивни багажи и ментални блокади. Да го подготви теренот.
Да се ослободи од убеденоста дека постои однапред зададена шема или нацрт-план.
Постои слобода да се избере. Што и да е.
Најчесто поствуваното прашање е – како тогаш се случуваат непосакувани судбини? Како се прави погрешен избор? Како доаѓа до грешка? Што е пресудно?
Еве да речеме, во твоите раце дошла една прекрасна книга. Едно камче од мозаикот. Не треба да губиш премногу време врткајќи се околу камчето. Треба да ги бараш другите делови, да мислиш на големата слика.
Прва варијанта. Ја губиш книгата за да престане врзаноста. Наводно, не сакајќи.
Втора варијанта. Му ја даваш книгата на најдобриот пријател, му објаснуваш колку ти е важна. За кратко време, пријателот доаѓа во ситуација да му ја позајмува на својот најдобар пријател, и, се разбира, овој на неговиот. За кратко време книгата исчезнува.
Се прашуваш, дали книгата, исто така, ќе се загубеше и да не му објаснуваше толку запалено на пријателот дека толку ти значи? Дали во тој случај книгата ќе поминеше незабележано и во најкраток можен рок ќе ти беше вратена така како што ти била земена?
Што значи тоа? Не кревај врева? Не бранувај?
Немој да предизвикуваш ураган на крилото на пеперутката, и сè ќе биде во ред? Еве, поминаа векови, но никако да го сфатам првиот дел од онаа народната – наведната глава сабја не ја сече.
Никој не обрнува внимание зошто би ја сечела сабјава? Од каде сабја? Некако, сабјата е загарантирана со закон. Зошто? Дали се работи за некое недоразбирање и расчекор во обичајните матрици на локалното визави глобално колективно несвесно?
Или едноставно, во денешно време на сајберизирани општества, веќе е надминат старовремскиот шаблон на непријатели вооружени со сабја. Облечени во униформа, да речеме со сина боја, и наши, во дрес со бела боја. Не. Повеќе нема униформи, нема ровови, нема класични улични престрелки или барем се во умирање. Што би рекле менаџерите на некоја скопска трендсетерска продавница, тотална распродажба. И кога ќе видите навидум обични улични протести, сетете се дека тоа се последните трзаи на непостоен вид диносаурус. Цело време во реалното шоу на животот некој прави такви местенки, да боли глава. Сега други програми се во игра. Други игрички, поинакви лозинки. Некогаш си бил принуден да бидеш природен, денес имаш избор.
Се разбира, доколку знаеш дека е така…
Или, што би рекол Леонард Коен, „кога би знаел од каде доаѓаат добрите песни, би одел таму почесто…“
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.