САД одбиваат да ги коментираат информациите за германскиот двоен агент кој наводно работел за нив, но потврдија дека ќе соработуваат со Берлин за да се реши спорот.
– Ќе соработуваме со Германија за да се расчисти ова прашање на вистински начин, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернст додавајќи дека не може да открива многу за работи поврзани со разузнавачката служба.
Германски весник објави дека агент кој работел за германската разузнавачка служба БНД бил уапсен е во среда под сомнение дека од 2012 година работел истовремено и за ЦИА и на САД им предал повеќе од 200 документи.
Германската канцеларка Ангела Меркел вчера ја оцени информацијата како сериозна.
– Ако се покажат информациите како точни, тоа ќе биде сериозен случај. За мене тоа ќе биде во јасна контрадикција со она што подразбира соработка под целосна доверба меѓу агенциите и парнерите, рекла Меркел.
Ернст рекол дека односите меѓу САД и Германија се многу важни и многу блиски.
– Нашето партнерство е изградено на почитување, долгогодишна соработка и заеднички вредности, истакнал тој.
Тој тврди дека Обама и Меркел не го спомнале случајот во телефонскиот разговор во четвртокот кога исклучиво разговарале за Украина.
Сепак, американскиот амбасадор во Германија е повикан во петокот вечер во министерството за надворешни работи во Берлин на разговор за информација според која 31 годишен маж две години работел за САД и им предавал документи. ЦИА одбила да ги коментира наводите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.